Скопје, 5 јуни 2020 (МИА) – Во Одделението за внатрешни работи во Прилеп вчера во 13:45 часот вработен во ЕВН Македонија пријавил дека на екипа на ЕВН, која имала работен налог за смена на броило на ул.„Беровска“ во Прилеп, чиј корисник е А.Р.(59), од поголема група на граѓани биле навредувани и им биле упатувани закани дека со секира ќе им ги скршат возилата.
Според пријавеното, додека го менувале броилото, едно женско лице ги попречувало во работата, по што се качиле во возилата и го напуштиле местото, без да ја завршат целосно предвидената работа. ОВР Прилеп презема мерки за расчистување на случајот.
Вчера околу 10:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека има пукање во угостителски објект на ул.„Џон Кенеди“.
Полициски службеници излегле на местото и во разговор со нив сопственикот на објектот Б.Х.(36) изјавил дека три лица меѓусебно се расправале во моментот додека ги послужувал. Според неговата, пријава, веднаш потоа тие излегле надвор и по кратко време се слушнале неколку истрели. На местото биле пронајдени четири чаури. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Во СВР Скопје вчера било пријавено дека околу 22 часот во селото Трубарево, Р.Б.(72) во семејниот дом со чекан го нападнал неговиот син Ј.Б.(46) и му нанел повреда на главата.
Ј.Б. бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди и му била укажана лекарска помош. Р.Б. бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера околу 22:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“, по вербална расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу лицата М.И.(48), С.М.(53) и М.Н.(56), сите од Скопје.
Сочинети се записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Во СВР Охрид вчера околу 14 часот бил приведен С.Д.(53) од Охрид поради постоење сомнение за неовластено снимање и омаловажување на полициски службеници кои преземале службени дејствија во близина на охридското село Подмолје.
Истиот ден околу 19 часот во Полициската станица Охрид, С.Д. пријавил дека при приведувањето полицискиот службеник му нанел тешки телесни повреди на десната рака, констатирани во Општата болница во Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во полициската тсница во Ѓорче Петров вчера во 09 часот В.С.(42) од с.Волково, скопско, пријавила дека во селото нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.
Вчера во Полициската станица Кичево, К.Г.(54) од Кичево пријавил дека на булевар „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник. бак/