Утрински Весник
Македонија

Националниот парк „Галичица“ со нови информативни табли и патокази

Националниот парк „Галичица“ со нови информативни табли и патокази

Охрид, 4 јуни 2020 (МИА) – Националниот парк „Галичица“ како една од најпосетените туристички дестинации во земјата периодот на ограничено движење наметнат од епидемијата на коронавирусот го искористи за ревитализација на патеките во рамки на паркот во вкупна должина од 202,6 километри, како и за обновување на информативните табли и патокази.

Активностите почнале во април годинава, а предвидено е истите да бидат завршени кон крајот на овој месец, со што во системот на патеки ќе бидат целосно заменети 66 информативни табли и повеќе од сто патокази.

– Националната установа работи и на изготвување на Планот за управување со НП Галичица (2021-2030 година). Во изработката учествуваат вработени во установата и надворешните членови на тимот за планирање, кои се претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, стручни невладини организации и институции од областа на животната средина. Планирано е заклучно со 31 декември 2020 година Планот за управување со НПГ да биде одобрен и донесен, се наведува во соопштението од Националниот парк.

Истовремено се посочува дека во Националниот парк, целосно е променета и стратегијата на финансирање преку целосно стопирање на обезбедувањето средства за тековно работење остварени преку продажба на дрво за огрев.

Паркот почна со трансформација на своето работење во делот на обезбедување средства за финансирање уште во 2018 година, притоа со акцент на заштитата на природата. Дотогашната пракса за целосно покривање на оперативните трошоци со приходи добиени од директно искористување на природните ресурси (главно сеча и производство на огревно дрво) почна да се менува со зголемување на приходите генерирани од туризам. Во 2020 година, ЈУНПГ донесе одлука за целосно запирање со директното искористување на природните ресурси, т.е. прекин на производството на огревно дрво.

Во фокусот на Националниот парк е заштита на планинските пасишта кои се „жариште“ на биолошката разновидност, како и обнова и заштита на фауната. За таа цел кон крајот на 2019 година беше изграден репродуктивниот центар за европски елен, во чии рамки со внатрешно оградување функционира и центар за спасување и рехабилитација за повредени и запленети животни, како и прилагодлива (карантинска) област. Репродуктивниот центар е со површина од 86 хектари и се наоѓа на локалитететот „Косто бачило“. Во него се сместени 30 елени, 24 женки и 6 мажјаци, а минатиот месец тука се родија и првите еленчиња. аб/см/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации 

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“