Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Хелсиншкиот комитет за човекови права и здружението Гласен Текстилец остро реагираат на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот што следи.
– Согласно добиените информации од терен, фабриките веќе извадиле или се во процес на вадење дозволи за работа, а работодавачите им најавиле на своите вработени дека ќе работат за време на полицискиот час, наведуваат од организациите.
Работењето за време на полицискиот час, во денови кога најмногу прогресира бројот на заболени во земјава од почетокот на пандемијата, според Хелсиншкиот комитет за човекови права и Гласен Текстилец, е крајно неодговорна одлука која директно ги загрозува здравјето и животот на текстилните работнички.
– Оваа одлука доаѓа во време кога е потребна најголема општествена одговорност и солидарност од работодавачите, институциите и работниците. Недозволиво е во град, кој ќе биде под 80 часовен карантин како резултат на зголемувањето на бројот на заразени со вирусот, од кои најголем број доаѓаат од текстилната индустрија, да се дозволи работа на текстилните фабрики. Особено е загрижувачки што најголемите прекршувања на превентивните мерки за заштита и спречување на ширењето на вирусот во Штип се случуваа при превоз на текстилните работнички за време на полициски час, во несоодветни автобуси, со непочитување на одредбата за смалување на капацитетот за превоз на 50 отсто од Уредбата за јавен превоз на патници и неможноста да се одржува препорачаната дистанца, реагираат тие.
За да се заштити здравјето и животот на текстилните работнички, а во насока на превенција и справување со ширењето за вирусот, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Гласен Текстилец бараат од Владата на Република Северна Македонија да воведе целосна забрана за работа на текстилните фабрики во Штип за време на полицискиот час.
– Очекуваме Државниот инспекторат за труд и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и понатаму будно да ја следат состојбата на терен и да ги санкционираат сите работодавачи кои нема да се придржуваат до мерките, се наведува во соопштението. ев/сп/