Утрински Весник
Свет

Во САД продолжија судирите меѓу демонстрантите и полицијата, воведен полициски час во повеќе градови

Во САД продолжија судирите меѓу демонстрантите и полицијата, воведен полициски час во повеќе градови

Во голем број градови во САД е воведен полициски час, во обид да се смири бранот насилни протести што избувнаа изминатата седмица откако еден Афроамериканец почина при апсење со насилни мерки.

Протестите што се одржуваа и вчера, како и во претходните денови, беа главно мирни, но во многу области преминаа во насилство, со палење автомобили и објекти, а полицијата интервенираше со солзавец и гумени куршуми.

Претседателот Доналд Трамп повика на „залекување“ по смртта на Џорџ Флојд, но порача оти нема да дозволи толпите да доминираат.

Во видеата што се појавија, се гледа како во понеделникот полицаецот Дерек Човин (44, белец), со колениците го притиска вратот на уапсениот Флојд (46), додека овој лежи на земја и кажува неколкупати дека не може да дише.

Како што објавуваат медиумите во САД, при првичната обдукција на телото на Флојд не биле откриени докази за „трауматско задушување или задавување“, а во извештајот пишувало дека срцевите проблеми и „потенцијални интоксиканти во телото“, како и држењето од полицајците „најверојатно придонеле за смртта“.

Наводно, од апсењето на Флојд пред продавница во Минеаполис, поради дојава за фалсификувана банкнота од 20 долари, до неговата смрт изминале околу 30 минути. Покрај Човин, кој е отпуштен и обвинет, уште тројца полицајци што интервенирале се отпуштени.

Во најмалку 30 градови во САД се одржуваа демонстрации и вчера. Во Лос Анџелес полицијата пукаше со гумени куршуми за да ја разбире толпата што фрлаше шишиња и запали полициско возило. Има и записи за многу луѓе што стојат на полициски возила, за кои после се дозна дека биле оштетени. Подоцна во ноќта се гледаат огнови на многу места.

Во Чикаго демонстрантите фрлаа камења врз полицајците, кои одговорија со солзавец, по што неколку луѓе се уапсени. Во Атланта во петокот беа оштетени и објекти, па во овој град се прогласени вонредна состојба и полициски час.

Во Минеаполис, во кој почина Флојд немаше толку големи насилства како во други градови, но таму покрај полицијата беа ангажирани уште околу 700 припадници на Националната гарда за да се спроведе полицискиот час и да се спречат насилства, што вчеравечер се покажа ефикасно. Националната гарда е воена резерва што може да биде свикана од претседателот на САД или од гувернерите на сојузните држави при кризни или вонредни состојби.

Голема толпа пред Белата Куќа во Вашингтон вчера ги навредуваше припадниците на Националната гарда.

Во Филаделфија, каде заедно со Портланд и Луивил беа воведени полициски часови, повредени се најмалку 13 полицајци и уапсени се 35 демонстранти, откако беа оштетени објекти, ограбени продавници и запалени полициски автомобили.

Претседателот на САД, Трамп, порача дека смртта на Флојд „ги исполнила Американците со ужас, гнев и жалење“, ги осуди демонстрантите и ги нарече „разбојници и анархисти“ и порача дека нема да дозволи гневните толпи да доминираат. Тој исто така го нападна градоначалникот на Минеаполис, кој е од Демократската партија, поради неуспехот да ги контролира протестите.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници