Скопје, 30 мај 2020 (МИА) – Општина Гази Баба денеска соопшти дека ги ослободува родителите од надомест за трошоци за во градинка, од месец март па се додека трае вонредната состојба.
Ова прашање претходно беше усогласено меѓу службите од општината и со директорите на градинките, а како што соопшти општината, вчера го изгласале и советниците на Советот на општина Гази Баба.
-Со тоа, родителите нема да ги плаќаат сметките за надомест на трошоци од 1 март и се додека не заврши вонредната состојба. Оние родители кои што имаат платено сметка за деновите од март додека не беше прогласена вонредна состојба, ќе им бидат одбиени во наредната сметка која ќе треба да ја платат. Со овој чекор уште еднаш покажуваме дека интересите на граѓаните ни се најважни, особено во ваква ситуација кога целата земја а и светот се соочуваат со пандемија од вирусот Ковид 19, наведе општината.
Општинските власти посочија дека и понатаму ќе се грижат за најмладите, за обезбедување на соодветни услови за нивно згрижување во воспитно – образовните установи, за непречено растење и развивање во претшколската возраст. бт/сст/