Утрински Весник
Македонија

Владата ја одржа 58-та седница

Се укинува домашната изолација што беше задолжителна по државниот карантин

Скопје, 30 мај 2020
Владата на Република Северна Македонија на денешната 58-ма седница ги разгледа и ги усвои Протоколот за утврдување на процедурата за запишување на ученици во прво одделение во основните училишта, Протоколот за постапување на средните училишта во Република Северна Македонија за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година, Протоколот за постапување на Математичко-информатичката гимназија за време на полагање на приемниот испит на учениците во учебната 2020/2021 година, како и Протокол за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи, односно единиците во состав, за изведување на испитите.

На оваа своја седница на предлог на Министерството за труд и социјална политика е усвоен Протокол за активности во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст по укинување на вонредната состојба, изработен во соработка со Комисијата за заразни болести.

Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца во градинките ги определува постапките и обврските на установите за згрижување деца од предшколска возраст, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите.

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за мај 2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на социјална заштита до деловните банки најдоцна до 01.06.2020 година, со препорака до деловните банки да обезбедат достапност на средствата од мајските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 02.06.2020 година.

Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба со што се овозможи јавните здравствени установи на секундарно и на терцијарно ниво, кои имаат услови во однос на просторот, опремата и кадарот, да вршат здравствени услуги од областа на молекуларната дијагностика во мрежата на здравствени установи со цел зголемување на капацитетите за давање на вакви услуги во услови на спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирус КОВИД-19.

Денеска е дополнета и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба, со што и шест месеци по престанокот на вонредната состојба се уредува можноста пропишување и издавање на лекови без хартиен образец на рецепт, односно можност за електронско пропишување на лекови од Листата на лекови.

Воедно, со овие измени и дополнувања се предвидува ослободување од партиципација на осигурениците при користење на здравствените услуги поврзани со дијагностицирање и лекување на Коронавирусот и за овие одредби се предвидува примена со повратно дејство од 26.02.2020 година, бидејќи е поповолно за граѓаните, а согласно членот 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со предлог Уредбата се предвидува и правото на лекување од КОВИД-19 на државјаните на соседните земји со кои Република Северна Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување, а се затекнати на територијата на Република Северна Македонија.

На оваа седница Владата ја усвои информацијата за заклучокот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести на барање на Министерството за труд и социјална политика, според која хронично болните лица и родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, потоа бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, кои што претходно беа ослободени, остануваат безусловно и понатаму ослободени од работа, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома.

На денешната седница, Владата ја донесе Уредбата со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај Европската Унија преку инструментот Макро–финансиска поддршка за справување со последиците предизвикани од КОВИД-19 пандемијата за време на вонредна состојба.

Со инструментот Mакро–финансиска поддршка за справување со последиците предизвикани од КОВИД-19 пандемијата на Европската Унија, на Северна Македонија и се одобрени 160 милиони евра за враќањето на одржлива надворешна финансиска состојба и за поттикнување на економските прилагодувања, структурните реформи и преземање соодветни мерки како одговор на економската криза предизвикана од КОВИД-19.

На оваа седница е донесена Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 со која се опфатени сите радиодифузери во земјата за надомест на трошоци за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување согласно Законот за електронски комуникации, како ублажување на економските последици предизвикани од коронавирусот.

Владата денеска донесе и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредната состојба, согласно која кабелските операторите се должни до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да достават пријави за регистрација на странските радиодифузери кои ги реемитуваат во рок од 60 дена од денот на нивното донесување.

На денешната седница се донесени измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, согласно кои за патниците и персоналот во возилата се предвидува задолжително носење маски и дезинфицирање на возилата, како и максимална искористеност до 50% од капацитетот за патници во возилата.

Денеска е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи за време на вонредна состојба со која на сметководителите односно овластените сметководители кои започнале со посета на континуирано професионално усовршување во 2017 година, им се дава можност обврската за посета на обуката од 60 односно 90 часови да ја исполнат во период од 200 дена по престанокот на вонредната состојба, за да се избегне можноста оние кои не го оствариле законскиот број на часови да бидат избришани во траење од 3 години од соодветните регистри на Институтот, а со тоа и да го изгубат правото за вршење на сметководствени работи во тој период.

Истовремено, со овој член се утврдува дека обврската за посета на обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 10 часа во текот на една година за сметководител, односно од најмалку 20 часа за овластен сметководител да не се однесува за сметководителите односно овластените сметководители кои обуката за континуирано професионално усовршување ја започнале во  2018 и 2019 година.

Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за да се овозможи зајакнување на сигурноста и одржливоста при поддршката на компаниите кои претрпеле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19 усвоени од страна на Владата на Република Северна Македонија. Со истата се пропишува даночниот орган да не издава решенија за присилна наплата кон даночните обврзници за даночните долгови кои се доспеани во месеците мај и јуни како и за останатите даночни долгови за кои не е поведена постапка за присилна наплата до моментот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.

На оваа седница е изменета и дополнета Уредбата со законска сила за примена на Законот за стечај за време на вонредна состојба, со која се регулира примената на Законот за стечај за време на траењето на вонредната состојба, при што е уредено дека наместо да важи три месеци по престанувањето на вонредната состојба, истата да се применува до 30 јуни 2020 година.

Влада на Република Северна Македонија

___________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Гаши: Газењето на државни знамиња е напад врз сите етнички заедници

Адвокатот Митровски: За палењето на македонското знаме може да се одговара и до пет години затвор

Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“