Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Со искази на дел од обвинетите и со обраќањето на обвинителството пред Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, денеска треба да заврши јавната седница по жалбите за пресудите за насилставата во Собранието на 27 април 2017 година.
Јавната седница за овој предмет вчера ја карактеризираше изјавата на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој во своето обраќање пред судечкиот совет рече дека добил закани од придружбата на сопругата и ќерката на Митко Чавков (поранешен директор на Бирото за јавна безбедност), додека бил спроведуван во судот. Нинџа кажа дека добил закани и од Чавков дента на изрекувањето на пресудите.
Адвокатот на Чавков, Сашко Дуковски по однос на оваа прашање, рече дека немало никакви закани бидејќи на рочиштето вчера немало никој од семејството на Чавков.
– Тоа е истото сценарио, заради кое некои добија осум години, а сите други 15 години. Кооперативност со обвинителството. Ниту закана, ниту ништо. Кој на кого ќе се заканува. Зошто се командирите тука да интервенираат. Кој си има мува на капата си кажува. Не станува збор за никаква закана, изјави Дуковски за тврдењата на Александар Василевски – Нинџа.оџ/мд/