Скопје, 28 мај 2020
Почитуван Министер,
Со временска дистанца од неколку дена кога трансплантираните пациенти полека но сигурно закрепнуваат, ги сумираме нашите впечатоци и емоции и Ви се обраќаме со сета должна почит со искрени честитки до Вас како прв човек во македонското здравство за успешно реализираната кадаверична трансплантација на срце за првпат во Македонија, а паралелно на тоа и две бубрежни трансплантации.
На овој чекор се одлучивме бидејќи како Здружение Нефрон не можеме да премолчиме 3 работи пред Вас но и пред целокупната јавност:
- Во период на пандемија кога сите во општеството, па и онаму каде што не треба изнаоѓаат оправдување да не ги прават работите, Вие успеавте да направите една работа за која се зборува со децении,а никој досега не ја покрена од мртва точка –направивте трансплантација на срце во вонредни услови и кога најмалку се очекуваше од здравствениот систем да покаже инвентивност или новитет!
- Се она што беше предмет на разединување во минатото помеѓу јавното и приватното здравство и јазот на суетите помеѓу врвни професионалци и експерти секој поединечно или институционално, успеавте да го обедините, да ги мотивирате заеднички да размислуваат, да делуваат и да се надополнуваат.
Направивте голем зафат –наспроти сите досегашни изговори покажавте дека може да има системско решавање на мултиорганското дарителство со цел трансплантацијата, а тоа е предуслов за подолгорочно функционирање кое што нема да зависи од поединци, од ентузијазмот и мотивацијата туку со непосредно вклучување на сите чинители во големиот синџир како услов за успех на долготраен и континуиран процес –трансплантација.
Сосема сигурно е дека името на починатата Емилија Динева ќе остане длабоко врежано во меморијата на нашата нација, особено презимето на нејзината фамилија и 23 мај 2020 година, кога во најтешките моменти за нив смогнаа снага да дадат одговор на можеби најтешкото прашање кое се поставува многу ретко и само еднаш во животот: “Дали би подариле орган? Дали би подариле живот?’’-Сепак кај таа хумана фамилија надвладеачовекољубието, добрината и човечноста пред се.
Сведоци сме дека тие вредности надвладеаа и кај Вас во тој момент,а и кај колегите од различните клиники и болници, но вие не за првпат застанувате во одбрана на човечкиот живот-само овојпат беше поразлично и најважно успешно!Ви честитаме за успехот кој го реализиравте!
Ви честитаме за успехот на обединувањето на македонското јавно и приватно здравство, на обединувањето на професионалците од различни сегменти и тоа мора да резултира и со понатамошни успеси.
Македонскиот народ е хуман народ –тоа од секогаш сме го нагласувале. Тоа се докажало многу пати претходно и сигурни сме дека во континуитет ќе се докажува и во иднина. Досега, повеќе од 20 фамилии ги дарувале бубрезите од своите починати со мозочна смрт и благодарение на тоа се спасени 40-тина луѓе од дијализа. Тие го продолжиле живoтот со туѓ орган во своето тело! Повеќе од 370 лица дарувале еден свој бубрег на некого во рамки на семејството, се со цел да спасат некој близок од дијализа. Тие бројки не се за занемарување!
Сите тие интервенции ги извршија овде на нашите клиники нашите докажани доктори.
Донираното срце се надеваме ќе ни покаже дека можеме да бидеме сплотени во иднина и ќе ни го отвори патот кон едно ново поглавје во македонската медицинска историја.Ве молиме најдете начин и поттикнете ги лекарите да се дообучуат за трансплантации на црн дроб, рожница и други органи. Еден донор може да спаси 8 животи! Успешните трансплантации на бубрези и коскена срж нека бидат пример кој ќе го следатколегите од другите гранки.
Драг министре, уште од почетокот имавме чувство дека се разбираме на темата органодарителство. Сепак,остана неисполнет нашиот договор за Национална кампања за дарување органи. Но завет ни се липите кои заедно ги засадивме во знак на благодарност на починатите донори. Тоа се истите липи кои оваа пролет симболично раззеленеа и растат,а со тоа и нашите очекувања растат, па не ни останува ништо друго освен да чекаме, но и да потсетуваме дека МОЖЕ да заживее и да се интензивирацелиот процес. Деновиве сами поставивте добра подлога на она што ние 15 години наназад го зборуваме: Го прашавте народот – Зборуваш ли донорски? Народот успеа да се воодушевува на Диневи и на лекарскиот подвиг , но најважно од се многумина од нас се запрашаа – што со моите органи после смртта ?
Се надеваме дека позитивна енергија ќец рпите дополнително и од настаните кои повремено ги организираме како Денот на органодарителство кога за првпат пред сите нас како сведоци се почувствува сплотеноста меѓу трансплантирани и семејство на дарител, кога Емре и Сашко ги прегрна Марија а со тоа како да прегрнуваше дел од мајка си…Такви настани уште ќе има…
Пресликувајте го денот на органодарителство во пракса почесто! Пораката треба да одекнува постојано!
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки