Лондон, 28 мај 2020 (МИА) – Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо го сподели своето мислење за продолжување на сезоната 2019/20 во Англија.
– Да бидам искрен, од моментот кога Бундеслигата започна и беше објавен датумот за рестартирање на првенството во Португалија и Шпанија, започна најтешкиот период за нас, затоа што сите сакаме да играме. Тешко е да се гледа фудбалски натпревари во други земји, но не и во Англија. Фудбалерите во Германија веќе му даваат на светот она што го сакаат, но ние не. Сепак, треба да ги почитувате и да им верувате на одлуките на властите и Премиер лигата. Само треба да почекаме, изјави Мурињо.
Португалецот со нетрпение чека да се врати на теренот.
– Враќањето на тренинзите е неверојатно искуство за сите нас. Мислам дека сите го заборавивме дури и мирисот на тревникот. Во одреден момент, почнавме да тренираме во 9 часот наутро, а завршивме на 5 навечер, затоа што играчите работеа индивидуално, секој имаше свое време. Моите играчи веќе се уморни од ова. Можете дури да најдете смешна фотографија каде што возам велосипед, бидејќи нашите полиња се на огромно растојание едни од други, истакна Мурињо.
Претходно беше објавено дека Премиер лигата планира да ја продолжи сезоната 2019/20 на средината на јуни, но официјалниот датум сè уште не е објавен. зс/