Брисел, 27 март 2020 (МИА) – Европската Комисија (ЕК) денеска го презентираше долгорочниот буџет за Европската Унија, во него се предвидени 12,9 милијарди евра за претпристапниот инструмент, јавува дописничката на МИА од Брисел.
-За да ги поддржиме нашите партнери на западниот Балкан, Комисијата предлага да ја зголеми претпристапната поддршка на 12,9 милијарди евра, стои во предлог буџетот на Европската Комисија за периодот 2021-2027.
Меѓутоа документот не прецизира дали оваа помош се однесува само на западниот Балкан или дали тука е вклучена и Турција, како што е секогаш случај кога станува збор за средствата за земјите од проширувањето.
На прашање на МИА на денешната прес конференција дали Турција е вклучена во овие средства, еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан рече: – „Во последните неколку години имаше суштински промени во алокацијата (на средства) за земјите кандидати, посебно во однос на Турција и ова на некој начин се антиципира во предлогот, така што моето разбирање е дека земјите од западниот Балкан ќе добијат повеќе отколку во тековниот период“.
Средствата од тековната буџетска рамка на ЕУ (2014-2020) посветени на проширувањето, или ИПА 2, изнесуваат околу 11,7 милијарди, додека во претходната рамка (ИПА1 ) изнесуваа околу 11,5 милијарди. Овие бројки, се разбира ја вклучуваа и Турција.
Останува нејасно како ќе се распоредат овие претпристапни средства и како западниот Балкан ќе добие „повеќе“ за периодот 2021-2027 отколку во тековниот, бидејќи за сега нема детали конкретно за предлогот што се однесува на проширувањето.
Од Европската Комисија за МИА велат дека идната недела еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, ќе одржи прес конференција на која ќе бидат презентирани деталите од буџетот кои се однесуваат на соседската политика и политиката на проширување.
Во меѓувреме, експертите поставуваат и други прашања. Имено, начелниот предлог на Европската Комисија, изготвен во 2018, за претпристапните средства предвидувал 14,5 милијарди евра за ИПА 3, објаснува за МИА Билјана Спасовска од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество и специјалист за ИПА фондовите.
–Бидејќи документот ги посочува само земјите од Западен Балкан а претпристапната помош ја опфаќа и Турција, не е целосно јасно дали и за колкаво зголемување се работи, особено што до сега не знаеме какви ќе бидат алокациите според земји, вели Спасовска.
Таа за МИА дообјаснува дека според документите од ЕУ институциите се предвидува следните фондови за земјите од проширувањето да бидат распоредени на „фер начин“ помеѓу земјите.
Засега, ИПА фондовите се трошат согласно „перформансот“ на државите. Што поефикасно една земја ги користи средствата, толку повеќе и добива. Советот на ЕУ, вели Спасовска, соопшти дека во иднина ќе се делат овие средства на поправеден начин, но за сега деталите не се познати. Дали средствата ќе се алоцираат за секоја држава индивидуално? Според која логика? Овие прашања остануваат неодговорени за сега, во исчекување на прес на комесарот Вархеји.
Средствата од ЕУ за западниот Балкан ќе можат и да бидат намалени во случај на недостаток на реформски напредок.
Комесарот Хан денеска инсистираше на фактот дека за Комисијата, и за него лично како поранешен комесар за проширување, на западниот Балкан ќе му се посвети посебно внимание и инсистираше дека регионот “ќе добие повеќе“ од претходните буџети.
Предложениот буџет на ЕУ за периодот 2021-2027, вклучително и средствата за регионот, треба допрва да се најде на преговарачката маса на Советот и на Парламентот на ЕУ каде несомнено ќе претрпи измени. Овие две институции потоа треба да дадат зелено светло за усвојување на буџетот.тм/са/