Утрински Весник
Македонија

Здружение на социјални работници на град Скопје отвори линија за помош за зависности од игри на среќа

Здружение на социјални работници на град Скопје отвори линија за помош за зависности од игри на среќа

Скопје, 27 мај 2020 (МИА) – Здружение на социјални работници на град Скопје во рамки на активностите „Не се клади со животот“, повикува сите кои имаат проблем со зависност од спортско обложување и останати игри на среќа да контактираат стручни лица преку линија за помош.

– Доколку почувстувате дека имате проблем со зависност од спортско обложување и останати игри на среќа или имате близок за кој верувате дека има таков проблем, веднаш контактирајте ги стручните лица преку линијата за помош 072 809 809, се наведува во соопштението на Здружението на социјални работници.

Натаму, Здружението наведува дека пандемијата на корона вирусот комплетно ја промени сликата за нормалното. Влијанието од овој опасен вирус се почувствува во сите сфери од животот, а економијата допрва ќе ги брои „жртвите“. Покрај угостителскиот и туристичкиот сектор, погодени се речиси сите компании, а меѓу нив и големите корпорации кои се занимаваат со игри на среќа и спортско обложување.

По првиот бран на заразени од корона вирусот, владите на сите држави во светот одговорија со конкретни мерки кои го променија начинот на живот на граѓаните. Како и повеќето развиени земји и С.Македонија рано започна со рестрикции и ограничување на движењето на граѓаните, наведуваат од Здружението.

Германското првенство во фудбал направи пауза од речиси два месеци и прв се обидува да ја врати нормалата во спортот. Но во мултимилијонската индустрија на спортско обложување недостатокот на натпревари и затворањето на уплатувачките места остави простор за импровизации и иновации со цел да се одржи каков-таков баланс меѓу потребата на граѓаните од обложување и игри на среќа и недостаток од натпревари на кои би се обложувале.

За компаниите кои приредуваат игри на среќа и кои се соочуваат со загуби на големите пазари, одговорот беше јасен: На клиенти треба да им се понудат виртуелни спортови, како и електронски слот машини, бинго, покер и останати игри од казино.

А, за оние кои се борат да го контролираат својот проблем со компулсивно играње игри на среќа, сегашната клима би можела да биде погубна.

„Мислам дека сега е совршена бура за нас“, вели А. М., зависник од игри на среќа во
закрепнување.

– За луѓето кои вообичаено не играат игри на среќа, може да гледаат на истите како
пополнување на времето, но има голем број луѓе кои негативно ќе бидат погодени од оваа нова ситуација во светот и во Македонија, а рекламирањето на игри на среќа создава погрешно верување дека игрите на среќа се брз начин за заработка, потенцира Славица Шекуткоска, социјален работник од Здружението на социјални работници на град Скопје и координатор на проектот „Не се клади со животот“.

Таа вели дека постои реална опасност, оние т.н. обични клиенти да ги заменат спортските обложувалници со виртуелни игри во казино и виртуелни спортови, кои не само што се немилосрдни, туку се и неограничени и немаат никаква врска со спортот.

– Мојата грижа е што луѓето не ја разбираат природата на зависност од овие производи, не разбираат дека мал обичен облог на нив може да доведе до проблем или зависност,  вели Шектукоска за проблемот кој го предизвикува корона вирусот врз индустријата за спортско обложување игри на среќа.

Здружението како примери наведува дека белгиските обложувалници неодамна објавија лимит на депозит од 500 евра неделно за локалните приредувачи на игри на среќа и обложување. Шпанската влада воведе ограничување на рекламирањето на игри на среќа во четиричасовен прозорец помеѓу 1 и 5 часот наутро, а Летонија забрани играње игри на среќа преку интернет сè додека не се укинат ограничувањата на коронавирусот.
Сепак, ова се исклучоци, повеќето земји имаат минимални промени, ако воопшто ги има.

Во земјава, наведуваат тие, нема дополнителни одлуки или ограничувања кога се работи за виртуелно обложување и игри на среќа. Асоцијацијата на спортски обложувалници неодамна достави предлог до Министерството за финансии, во кое бараат министерството по задолжение на Владата, да најде начин како да спречи противзаконското учество на македонските граѓани во странски игри на среќа и како да се следат паричните приливи на граѓаните, стекнати по овој основ.

Иако е тешко да се обезбеди директна статистика, влијанието на зависноста од игри на среќа е огромно, проблемите со менталното здравје, самоубиствата и банкрот се вообичаени кај оние кои развиваат проблем со игри на среќа. Многумина се фрустрирани од отсуството на спортот, но постои и значителен број на луѓе за кои неговото отсуство би можело да остави далеку посериозни последици.

– Според Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, на годишно ниво за
виртуелно обложување кај странските приредувачи на вирутелно обложување и игри на среќа, македонските граѓани трошат околу 40-50 милиони евра! А ако на тоа се додадат и локалните „домашни“ виртуелни казина и обложувалници тогаш бројката е навистина загрижувачка, наведува Здружението на социјални работници на град Скопје. нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година