Утрински Весник
Македонија

Нуредини: Нашата мисија е да предложиме и да спроведеме мерки што водат до ниска емисија на јаглерод  

Нуредини: Нашата мисија е да предложиме и да спроведеме мерки што водат до ниска емисија на јаглерод  

Скопје, 27 мај 2020 (МИА) – Потребна е меѓународна соработка и инвестиции со цел да се избегнат можните црни сценарија предизвикани од климатските промени, во услови кога се соочуваме со тројна криза – здравствена, можна економска и тековна климатска, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во воведното обраќање на Конференција за проектот „Зајакнување на одговорите на безбедносните ризици од климатските промени во Југоисточна Европа, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија“.

Нуредини, кој ја отвори Конференцијата заедно со координаторот на ОБСЕ за економски и активности за заштита на животната средина Вук Жугиќ, во обраќањето ја истакна и потребата за засилена внимателност, со оглед дека овој период треба да ни послужи како лекција. 

– Ние мора да работиме заедно за да ги надминеме слабостите во нашето глобално општество. Прекините во ланецот на снабдување со храна предизвика аларми во многу делови на светот, и ова е она со што во иднина може да се соочиме многу често ако не преземеме акција за ризиците што ги предизвикуваат климатските промени. Нашата мисија е да предложиме мерки и политики кои ги намалуваат емисиите на јаглерод и ја зголемуваат одржливоста на нашата земја и регионот преку сеопфатен и транспарентен процес. Светот се менува на многу начини. Да научиме, да се прилагодиме, да ги направиме вистинските промени. Да создадеме безбедна иднина каква што ја сакаме. Заедно, заклучи министерот Нуредини. 

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Конференцијата е посветена на зајакнување на процесот на регионална консултација за климатски промени и безбедност и е дел од проектот што има за цел да ги намали безбедносните закани поврзани со климатските промени во Југоисточна Европа, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија, преку подигање на свеста, развој на капацитети и споделување на знаење во рамките на регионите, како и преку спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени во најранливите географски области. 

Проектот се реализира како резултат на соработка на ОБСЕ со Европска Комисија и Австриската агенција за развој. Инаку ОБСЕ покрај климатските промени како важно прашање кое се дискутира на глобално, регионално и на национално ниво, преку специфични проекти се осврнува и на поврзаноста помеѓу климатските промени и потенцијалните влијанија врз безбедноста, се наведува во соопштението. сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома