
Бебето што почина во Кавадарци, во болницата било примено поради обилно повраќање по хранење, соопштија денеска од болницата, откако СВР Велес информираше за смртта на двомесечното бебе и дека неговото тело е дадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
– Доенче со иницијали У.М., на возраст од два месеца, беше примено на Одделот за педијатрија на 12.01.2026 година, поради обилно повраќање по хранење. Во текот на деновите кога е тука, на нашиот оддел, детето е со уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање, информираше директорката на болницата Гордана Камчева.
По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог.
-Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но, за жал, без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта, појасни директорката.

