Утрински Весник
Култура

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба на фотографии во рамките на фестивалот на нем и класичен филм

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба на фотографии во рамките на фестивалот на нем и класичен филм

Кинотеката ја чествува 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки.

dobivaj vesti na viber

По тој повод во фоајето на Кинотеката, за времетраењето на Фестивалот НА нем и класичен филм (31 август – 7 септември) ќе бидат изложени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.

По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември (среда), на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филмови на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.

Фотографскиот опус, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола. Мал дел од овие материјали се и дигитализирани од Роберт Јанкулоски и „Македонскиот Центар за фотографија“ (МЦФ) – па и прикажани во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија и во монографијата „Манаки, приказна во слики“, а допрва следи комплетна дигитализација од страна на Архивското одделение во Битола што годинава доби можност да ја започне на дигитализација на „Фондот 580“ на браќата Манаки кој заедно со огромниот фотографски материјал содржи 20.000 фајлови што Архивското одделение ги чува во своите депоа заедно со „камерата 300“.

Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење.

Кинотеката, исто така, продолжува да ја инспирира и образува филмската (општа и стручна) публика, особено младата и преку изработка и презентација на разни кратки пропагандни, едукативни и информативно-забавни видео-записи, со тематики кои ги опфаќаат не само првите филмски дејци – како што се Милтон и Јанаки Манаки, и останатите пионери на македонскиот филм – туку и другите неодминливи, реномирани и докажани филмски автори и филмови, и од домашната и од светската кинематографија.

Токму затоа, на профилите на Кинотека на социјалните мрежи деновиве ќе биде промовиран и видео-записот „ФилмОмаж Манаки“, подготвен од млади филмски автори и соработници на Кинотеката, во кој тие говорат за браќата Манаки како нивна инспирација.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“