Во полн ек се подготовките за 13-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара. Годинава меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.
На задоволство на публиката, и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови, информира организаторот.
Натпреварите ќе се одржуваат онлајн од 1- 5 јуни, а во интернационалното жири годинава членуваат врвни музички професионалци: Џевдет Сахатџија, Стефан Трифан, Хозе Карлос Гомез, Стела Динкова, Зоран Анич, Ерхан Мујка, Борче Наумовски и Љубомир Наќевски.
Во живо ќе се одржат неколку концерти.
Првиот е на 4 јуни на гитаристот Лука Романели, минатогодишен победник на „Тремоло“, во „Даут пашиниот амам“ во 19,30 часот. На 6 јуни концерт ќе одржи Милош Вуковиќ во Музејот на македонска револуционерна борба од 19.30 часот. На 7 јуни е закажан концертот на Хозе Карлос Гомез во Македонската филхармонија од 19,30 часот. Последниот во серијата концерти е на 8 јуни на Горан Кривокапиќ во Македонската филхармонија во 19,30 часот.
Инаку, овој фестивал, според информации од орагнизаторот е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Детскиот културен центар „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организацијата на голем број културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројните признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од Град Скопје, ја збогати домашната културна сцена.
Во текот на изминатите години многу еминентни солисти и педагози, светски познати уметници од областа на класичната гитара, придонесоа овој фестивал да стане препознатлив со својата уникатност. Секое издание од овој фестивал е своја приказна, инспирaција за младите генерации во нивната културна формација. Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, Детскиот културен центар „Карпош“ учествува во развојот на овој тип уметност во нашата земја. Успехот е начин на мислење и навика и тој доаѓа кога раката, срцето и мозокот работат заедно! Ние силно веруваме во светлата иднина на фестивалот.
Со успешната реализација на фестивалот „Тремоло“, ДКЦ „Карпош“ дава голем стимул и поддршка за развој и промоција на овој вид уметност во земјата, посочуваат организаторите.
Текстот 13-то издание на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ е превземен од МАКФАКС.