Утрински Весник
Македонија

13 години затвор за убиството на матурантот Ангел Петковски

Estrefi

Насер Ештрефи денеска по втор пат беше осуден за убиството на Ангел Петковски во мај 2014 година во Ѓорче Петров.
Инцидентот започна кога Ешрефи украл велосипед од дворот на семејството Петковски.

Судот пресуди 13 години затвор за Ешрефи, а во пресудата ќе се пресмета и времето поминато на издржување на претходната затворска казна и притворот. Судот одлучи да го прифати барањето на обвинителството, Ешрефи да биде во притвор до правосилноста на пресудата.

Судијата Дијана Груевска Илиевска рече дека Ешрефи со умисла го лишил од живот Ангел Петковски. Со нож два пати го пробол Ангел, по што неговиот татко Сашо зел стап и го удрил Ешреф неколку пати по глава. Обвинетиот избегал, а Ангел починал.

Судијката пред да ја објави пресудата рече дека советот имал особено тешка задача бидејќи станува збор за двајца млади, и жртвата и обвинетиот.

На судењето присиствуваа и родителите на Петковски.

Претходно, обвинетиот Ештрефи, со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје беше осуден на 14 години затворска казна, што беше потврдена од скопската Апелација. Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетитот Ештрефи беше вратено на повторно одлучување.

Во завршните зборови, адвокатката на обвинетиот Ештрефи, Иванка Јакимовска нотираше шест работи кои што, според неа, треба да се утврдат за да се пристапи кон казнување. Помеѓу шесте работи таа наведе: Што му претходело на тој настан, како се одвивал истиот, од кого прво се нанесени ударите, дали обвинетиот сакал да се случи тој настан, дали се работи за претходно формирана волја за да го стори ова дело, како и дали по секоја цена треба да се прегази начелото на ресторативна правда, ако се земе предвид дека и обвинетиот бил повреден и за тоа никој не одговарал.

-Кражбата на велосипедот не е иницијална каписла за случување на овој настан, туку е однесувањето на сега оштетениот и неговиот син, кои што по секоја цена сакале да го стигнат крадецот и да се пресметаат со него на било кој начин, кажа бранителот.

Потенцира, дека првично гореспоменатите биле без возило а потоа се вратиле и го земале за побрзо да го стигнат обвинетиот кого што, како што вели, го препознале како крадецот на нивниот велосипед.

Во однос на тоа од кого прво се нанесени ударите, бранителот кажа дека и покрај изнесените докази и реконструкцијата, тоа останало неутврден факт.

За тоа дали по секоја цена треба да се прегази начелото на ресторативна правда ако се земе предвид дека и обвинетиот бил повреден и за тоа никој не одговарал, бранителот кажа дека обвинетиот Насер е исто така повреден во овој настан.

-И тој има здобиено повреди, но телесни се разбира, и дека тој не сакал да го тужи сега оштетениот за тоа, оти тоа се гони по приватна тужба, оти едноставно не ни сакал да се случи настанот. Тој бил исплашен и за сопствениот живот кога сега оштетениот се упатил кон него, па го прашал дали е тој крадецот, реагирал кога видел опасност, како што појаснија и вештите лица, и само чудо го спасило да и тој остане жив, затоа што ударите нанесени од страна на сега оштетениот, да биле малку попрецизни или на друго место, можеле да бидат кобни за обвинетиот, кажа бранителот.

Во завршните зборови на одбраната свој исказ даде и обвинетиот Насер Ештрефи, кој кажа дека се кае за овој немил настан.

– Јас не сакав, и мојот живот беше во прашање, и мене не ми беше лесно, кажа обвинетиот.

При завршните зборови, застапникот на обвинението, Дарко Јакимовски, рече дека ништо не е сменето по реконструкцијата на настанот што се одржа на 4 март.

– Треба ли да поверуваме дека секое лице коешто се дрзнало да одземе подвижна ствар, во присуство на сопственикот, во сопствениот двор, заклучен со рајбер, знаејќи дека е виден, ќе му биде се исто, нема апсолутно да води сметка дали ќе биде затекнат понатаму, фатен од сопствениците или пак надлежните органи, кажа обвинителот.

Тој дополни дека дали убиениот имал намера да убива или не, не се оценува со неговите зборови, туку само со неговите постапки. Според него, позицијата и начинот на кој обвинетиот делувал и ја нанел смртоносната рана, несомнено кажува дека имал преглед на ситуацијата и знаел што прави.

– Кој прв почнал и кој имал право да се брани се околности испитани од секој можен правен аспект, кажа обвинителот.

Дополни дека ова не е филмска фикција ниту, пак, настанот може да поприми митолошки особености.

-Ако доказите водеа кон поинаков заклучок, независно од болката на родителите на сега покојниот и неговиот брат, моја професионална должност, а и секако ваша, е работите да ги утврдувате онака како што биле, а не само поради голиот факт дека во настанот има жртва, кажа обвинителот.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Извор: 24инфо.мк

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца