Утрински Весник
Македонија

Џафери: Борците во НОБ ја избраа потешката, но исправна страна

Џафери: Борците во НОБ ја избраа потешката, но исправна страна

Оваа година е посебно значајна, затоа што одбележуваме јубилејни 80 години од денот кога борците на антифашистичката генерација се исправија решително и несебично во борба за слобода и достоинство, положувајќи го најскапоценото во глобалната битка на доброто против злото, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговата честитка по повод државниот празник, 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Тие ја избраа потешката, но исправна страна и со тоа ги сочуваа своето достоинство, човечноста и солидарноста но над сѐ, го дадоа својот придонес за подобар, похуман и поцивилизиран свет, свет без болка, солзи, без поделби и тага“, наведе Џафери.

Тој додаде дека таа желба за слобода придонела и во градењето на државноста.

И затоа, како што посочи, денес оддаваме почит на сите кои имаа удел во таа борба, за да можеме сите ние да ги уживаме благодатите на животот во слободна, силна и демократска држава, која од минатата година со членството во НАТО и самата е контрибутор во светскиот мир и поредок.

„Битно е, лекциите од минатото да се научат, да се запомнат и никогаш повеќе да не се повторат затоа што, поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден! Честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“, вели Џафери во неговата честитка.

Можете да прочитате

120 лица од Кичево се уште не се вратени во своите поплавени домови

Забрана за товарни возила на ГП Меџитлија

Македонија пред екстремно ладен бран – снег и температури до -20°C