Дебар, 16 април 2020 (МИА) – Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски и претставник на градежното претпријатие „Пелагонија“ А.Д. Гостивар потпишаа Договор за реконструкција на локалниот пат за селото Скудриње.
Со проектот вреден 11.496.037 денари е предвидена реконструкција на 2,5 километри, од местото викано Пороишта до населбата Падина. Станува збор за пат кој е асфалтиран пред повеќе од триесет години, но е многу оштетен.
Оваа активност се реализира преку проект за подобрување на општинските услуги (МСИП 2) при Министерството за финансии, поддржан од Светска банка.
-По спроведената потребна процедура на нашата општина и беше овозможено користење средства наменети за имплементација на проекти за подобрување на локалната инфраструктура во руралните општини, истакна Куртовски.
Според договорот изведувачот проектот треба да го финализира во рок од 40 дена од почетокот на работите.
Во селото Скудриње, кое е едно од најголемите долнорекански села, живеат околу 3.500 жители, кои со
реализација на овој проект ќе добијат подобри услови во патната инфраструктура.
Асфалтирањето на патот е само еден од низата проекти на локалната власт за подобрување на условите за живот во оваа општина. вт/мч/