Во рамки на летните активности за подобрување на урбаната инфраструктура во Општина Центар, предвидена е и реконструкција на 9 детски игралишта во општината.
„ Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“, на улицата „Партение Зографски“ на Водно, во објектот Бели Мугри на детската градинка „Кочо Рацин“, игралиштето на ул. „Владимир Полежановски“, позади Универзалната сала и игралиштето во ООУ „11 Октомври“. Реконструкцијата на игралиштата предвидува целосна обнова на реквизитите, поставување на нови гумирани и бетонски подови, нови лулашки, клупи, канти за отпадоци и останата урбана опрема“ соопштија од општината.
Како што се наведува, во наредниот период се предвидува и санација на уште 4 други детски игралишта: на плочникот зад поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“, игралиштето зад ТЦ „Зебра“ и детското игралиште во населбата Пролет.
„ На овие игралишта ќе се сервисираат искршените и оштетени реквизити, ќе биде обновена бојата и ќе бидат дополнително уредени со урбана опрема и зеленило, за да се добие целосна функционалност и повторно да бидат на располагање на децата и родителите кои дневно ги посетуваат“ додаваат од таму.
За овие активности Општина Центар издвои вкупно 10 милиони денари, средства од општинскиот буџет, со кои ќе се покријат сите трошоци за реконструкцијата на игралиштата.