Израелски оперативци кои постапувале по налог на САД го убиле вториот човек на Ал каеда, обвинет за организирање на бомбашките напади во 1998 година на две американски амбасади во Африка, при пукање во движење во Техеран, Иран, во август, пренесува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на разузнавачки извори.
Абдула Ахмед Абдулах, познат под военото име Абу Мухамед Ал-Масри, бил застрелан заедно со неговата ќерка Марјам од двајца мотоциклисти на улица во главниот град.
Според извештајот на „Асошиејтед прес“ од неделата, Марјам Ал-Масри била намерно убиена затоа што САД верувале дека таа е подготвена за лидерска улога во Ал каеда, а разузнавачките служби сугерираат дека била вклучена во оперативно планирање.
Масри беше еден од водачите на Ал каеда и веројатен наследник на сегашниот лидер, Ајман Ал-Завахири, пишува весникот.
Тој беше на списокот на најбараните терористи на ФБИ и беше обвинет во САД за злосторства поврзани со бомбардирањата на амбасадите на САД во Кенија и Танзанија, во кои загинаа 224 лица и беа ранети стотици други.
Според извештајот, Ал каеда досега остана без коментар за неговата смрт, а иранските власти ја прикриваа истата издавајќи во саботата демант и велејќи дека нема терористи на Ал каеда на нивна територија.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде, рече дека САД и Израел понекогаш се обидуваат да го поврзат Иран со такви групи лажејќи и давајќи лажни информации до медиумите за да избегнат одговорност за криминалните активности на оваа група и други терористички групи регионот.
„Тактиката на застрашувачки напади на администрацијата Трамп против Иран стана рутина“, рече Хатибзаде.
САД и Израел и претходно работеа заедно на операциите во Иран. Вирусот „стакснет“ од 2012 година, кој беше создаден за да ја спречи нуклеарната програма на Иран, во голема мера се смета за заеднички проект на двајцата сојузници.
Исто така, ова не е прво убиство од движење од ваков вид. Тоа наликува на истиот модус операнди како атентатите, припишувани на Израел, врз иранските нуклеарни научници.
Убиството се случи во период на големи тензии во Иран, со повеќе мистериозни експлозии на клучни инфраструктурни локации, како и со експлозија на 2 јули во нуклеарниот објект за збогатување ураниум „Натанц“.