Утрински Весник
Економија

Јовановски: Се зголемува поддршката од компаниите за пошироката заедница

Стопанска комора: Попречено обезбедувањето на некои суровини од регионот, продолжува и застојот на транспортот во Турција

Скопје, 6 април 2020 (МИА) – Бројни компании членки на Стопанската комора на Македонија се одзваа на апелот на комората и решиле на разни начини да и помогнат на пошироката заедница полесно да се справува во овие тешки моменти, истакна во видео изјава Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Комората за економски прашања.

-Компанијата „ЕВН Македонија“ донираше 200 илјади евра на Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема и материјали за потребите на јавниот здравствен систем. Исто така, „ЕВН Македонија“ го донираше и приклучокот за електрична енергија за мобилната болница подигната во рамки на Клиничкиот центар во Скопје. Материјалите и изведбата на хидроизолационата заштита на оваа мобилна болница во вредност од 15 илјади евра се донација на компанијата „Адинг“, рече Јовановски.

Компанијата „Окта“ донира медицинска опрема во вредност од 50 илјади евра, при што набави медицински апарати посочени како неопходни од страна на Министерството за здравство. „Лукоил Македонија“ донела одлука да додели 15.000 литри гориво на Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје и Црвениот крст на Македонија.

Компанијата „Семос едукација“, во координација со Министерството за образование започна со бесплатна едукација на 1.200 наставници од основните и средните училишта во земјава. Се работи за едукација по пат на вебинар-сесии со кои се споделува знаењето и искуството на „Семос едукација“ за онлајн настава сé со цел на наставниците да им се олесни продолжувањето на наставата и децата да добијат што подобро образование во вакви услови.

-Компанијата „Бимилк“ изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка во износ од 15 милиони денари. Дополнително, „Бимилк“ донираше и финансиска помош на Клиничката болница во Битола за набавка на медицинска опрема како и производи за помош на најранливите групи граѓани во Битола, помош која се дистрибуира преку Црвениот крст, информираше Јовановски.

Компанијата „Виталиа“ донираше пакети здрави производи и средства за набавка на заштитна опрема за вработените на Инфективната клиника, како и преку 500 килограми оброци здрава храна за ранливите категории на граѓани. Исто така, компанијата „Виталиа“ изврши предвремено плаќање на данокот за добивка во износ од 3,5 милиони денари.

Компанијата Mozzart Bet обезбеди донација во парични средства во износ од 50 илјади евра, од кои досега се веќе донирани 15 илјади евра на Инфективната клиника во Скопје и 10 илјади евра на Општата болница во Куманово.

Печатницата „Киро Д. Дандаро“ од Битола обезбеди парична донација за потребите на Клиничката болница Битола за набавка на опрема и средства за заштита, согласно добиена спецификација од болницата за конкретните потреби.

Компанијата Ми-Да Гранд Моторс воведе бесплатна услуга при редовен сервис на возила од брендот Ford за сите здравствени работници, доктори и медицински лица.

-Стопанската комора ги поздравува сите овие активности на бизнис секторот. Апелираме и до сите други компании да се придружат и во рамки на своите можности да дадат поддршка на пошироката заедница, истакнува Јовановски во видео обраќањето. ев/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Избор на најуспешни жени менаџерки од земјава и регионот  

Ангеловска-Бежоска − Камер: Претпазливите политики на НБ клучни за одржувањето на макроекономската стабилност

Работна средба на Стопанската комора со раководството на „Македонија 2025“