Утрински Весник
Свет

Јанша бара објавување на договорот меѓу Европската Комисија и „Астразенека“

Јанша бара објавување на договорот меѓу Европската Комисија и „Астразенека“

Премиерот на Словенија Јанез Јанша изјави дека договорот на Европската Комисија со „Астразенека“ треба да стане јавен за да се види кој е одговорен за британско-шведската компанија да не ја доставува својата вакцина против Ковид-19 според договорената динамика и во договорените количини.

Според Јанша, овој договор бил очигледно слабо изработен, особено имајќи предвид дека сега никој не сноси санкции или одговорност за непочитување на договорената динамика на испорака и договорените количини.

„Бидејќи вакцината е одобрена подоцна и „Астразенека“ доставува многу помали количини на вакцини и доцни со нив, ќе има големи разлики меѓу земјите членки на Унијата во вакцинирањето на населението во средината на годината, што може да предизвика сериозна политичка криза кога Словенија ќе го преземе претседателството над ЕУ, во средината на годината“, рече Јанша.

„Словенија, како претседател, не би сакала да се справува со ова и сега, во договор со Европската Комисија, се работи на „корективен механизам“ за да им се овозможи на земјите со помала стапка на вакцинација да добијат дополнителни количини поради неиспорачување на договорената вакцина“, рече Јанша, пренесуваат медиумите во регионот.

Покрај тоа, Јанша кажа дека група земји кои предупредуваа на разлики во набавката на вакцини, побараа самитот на Европската Унија повторно да донесе обврзувачки заклучок дека 70% од возрасната популација ќе биде вакцинирана против Ковид-19 до летото.

Јанша рече дека добил информација од Чешка дека вакцината од „Астразенека“ се нуди по комерцијална цена од 13 евра за доза, ова е цената по која компанијата ја продава вакцината надвор од ЕУ, сугерирајќи дека една од причините за побавната испорака би можела да е шпекулативна, со оглед на тоа дека британско-шведската компанија за вакцинирање според договорот со Европската Комисија добива две евра по доза.

Јанша ги отфрли шпекулациите дека тој е одговорен за тоа што Словенија не нарачала навреме дополнителни количини од „Фајзер/Бионтек“, нешто за што го обвинуваат опозициските партии.

Напротив, Јанша рече дека како привремен вршител на должноста министер за здравство, откако поранешниот министер Томаз Гантар поднесе оставка, тој веднаш им наредил на соработниците да нарачаат вакцини од сите производители со кои може да се постигне договор и без оглед на цената, затоа Словенија, рече тој, денес има вкупно 7 милиони дози, што според него е сосема доволно за целото население.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

„Фаненшл тајмс“: Русија регрутира платеници од Јемен да се борат во Украина

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган