Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска од нејзиниот дом е спроведена во затворот Идризиво, потврдуваат од МВР. Таа треба да ја одлежи четиригодишната затворска казна која судот и ја изрече во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес.
„Лицето Г.Ј. е спроведено во затворот Идризово“, велат кратко од МВР.
Директорот на затворот, Александар Донев објаснува дека според степенот на ризик, ќе се утврди во кој дел на затворот ќе биде сместена Јанкулоска. Додека не се направи проценката, таа ќе биде сместена во приемното одделение. Во однос на безбедноста, тој вели дека не очекуваат да има проблеми.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост.
Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.
Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.