Дваесетина седмооделенци, ученици од приватното училиште „Јахја Кемал“ ги рекреираа светските уметнички дела, а нивниот наставник по англиски јазик, Никола Ѓелинчески ги сподели фотографиите на социјалните мрежи. Уникатната домашна задача доби позитивни критики.
„Кога им ја најавив задачата и им објаснив зошто воопшто го правиме тоа, реакцијата беше многу позитивна и децата веднаш се фатија со работа. Беа многу возбудени што ќе работат нешто што е ем практично, ем креативно и што јас учествував во предизвикот“ изјави за „Мета.мк“, наставникот Ѓелинчески.
Тој вели дека дека децата совршено одговориле на својата домашна задача, а успешноста на предизвикот се темели на веќе поставениот однос на взаемна доверба и почит.
„Целта е остварена и сигурен сум дека уште долго ќе се чувствуваат поврзани со сликата и ќе си ја сметаат за своја. Се надевам дека тоа ќе им даде мотив уште повеќе да читаат и истражуваат за уметноста“ – додава наставникот.
Ѓелинчески смета дека иако на него и на децата им недостига енергијата од училница, сепак карантинот им овозможил повеќе време и трпение за одредени задачи, што веројатно го наметнува прашањето за тоа како треба да се развива образованието во иднина.
„Сега часовите најмногу ни се фокусирани на истражувања, презентации и дискусии. Една среќна околност е што според програмата периодов требаше да се работат текстови за филмови, книги, уметност и граѓанска одговорност, теми за коишто се интересираат децата, па можеа уште подлабоко да навлезат во темите“, вели тој.
Наставникот е дециден дека сега децата имаат време да изгледаат филмови од два часа и да напишат критика, со задоволство да прочитаат нешто и преку презентации да ги разглобат сериозните глобални проблеми како родовите разлики, свеста за епидемии, булиинг или врсничко насилство, ментално здравје и слично.
„Секако, имаа и домашни кои не се на толку сериозни теми, како на пример кога учениците требаше да се снимаат додека подготвуваат некој рецепт, а резултат на тоа беа многу интересни и забавни видеа. Сето тоа придонесува за негување на позитивниот дух во одделението и поттикнува уште подобра соработка во иднина“, додава Ѓелинчески.
Тој вели дека ова не е прв случај кога користеле креативни идеи за учење и домашни задачи.
„За секоја тема од учебникот одредуваме незадолжителен проект кој може да го работат индивидуално или во групи. Целта е да посветат време на истражување, а при тоа подобро да го сфатат и да го негуваат својот стил на работење“, појаснува наставникот.
Моменти, кои Ѓелинчески би ги издвоил, се кога со децата учеле за климатските промени и начините за справување со тој проблем. Тогаш децата испратиле писма до директорот со идеи како нивното училиште да усвои еколошки навики, на кое директорот реагирал позитивно, откако ги разгледал сугестиите.
„Некогаш морам да признаам дека учениците дури и мене ме изненадуваат и се надминуваат во однос на претходното домашно. На пример, кога учевме за различните школски системи од целиот свет, покрај одличните презентации и дискусии, некои од децата воспоставија контакт со училишта од Англија, Кореа, Јапонија за да добијат информации од прва рака“ додава тој.
Наставникот вели дека е горд на своите ученици што не се плашат од комуникација и имаат волја да го споделат она што го знаат.