Пожарникарите во Тоскана се борат со шумскиот пожар кој принуди на евакуација стотици луѓе и предизвика експлозија на резервоари со гас, а во северна Италија, чадот од пожарот го принуди државниот бродоградител да ја затвори фабриката во која работат 3.000 работници.
Оваа недела избувнаа шумски пожари во неколку делови на Италија, бидејќи температурите продолжуваат да се зголемуваат. Девет градови во земјата се под највисоко ниво на предупредување.
Температури до 40 степени Целзиусови се очекуваат во северниот и централниот дел на земјата и на островите Сардинија и Сицилија. Пожарот што избувна во понеделникот вечерта во Тоскана и во средата сè уште гори во близина на градот Лука и веќе уништи околу 560 хектари шума, јавуваат тамошните медиуми.
Околу 500 луѓе беа принудени да се евакуираат бидејќи пожарот се прошири во текот на ноќта, стигна до некои села и предизвика експлозија на резервоари со течен гас, напиша регионалниот гувернер Еугенио Џани на Твитер.
„Некои фронтови се засилија поради ветрот“, напиша тој.
Во североисточниот регион жителите беа повикани да останат во затворени простории поради густиот чад од шумскиот пожар што избувна во вторникот во областа Карст на границата меѓу Хрватска и Словенија. Поради пожарот, државниот бродоградител ја затвори својата фабрика во пристанишниот град Монфалконе.