Штип, 20 мај 2020 (МИА) – Општина Штип денеска доби 30 контејнери за селектиран отпад-стакло, од компанијата „Пакомак“. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев кои денеска беа на терен истакнаа дека овие контејнери се поставуваат пред сите основни, средни училишта и детски градинки, како и на повеќе фреквентни локации во градот.
-Досега имаме поставено вакви контејнери за електронски отпад, а во наредниот период ќе поставиме контејнери за селектиран отпад-пластика, изјави Бочварски.
Тој упати апел до граѓаните за вршење селекција на отпад затоа што, како што рече, живееме во ново време каде треба да ги почитуваме сите европски стандарди и препораки со цел да живееме во поздрава животна средина.
Посочи дека денеска екипте на ЈП „Исар“ чистеа кабаст, габаритен отпад и градежен шут поставен од несовесни граѓани до контејнерите за одлагање на комунален отпад и тоа во строгиот центар на градот.
Директорот на ЈП „Исар“, Тасев посочи дека вакви контејнери веќе имаат и во други населби, а одлагањето на стаклото во посебни контејнери ќе придонесе да имаат и помали дефекти на камионите, кои го носат отпадот. вдј/вј/