Утрински Весник
Македонија

Шилегов: Неопходно е стратешко планирање за превенција и за успешно управување со кризи

Шилегов: Неопходно е стратешко планирање за превенција и за успешно управување со кризи

Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“, која се одржа во хотелот „Хилтон“. Конференцијата се организира во рамките на проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ кој Институтот за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје. Проектот цели кон зајакнување на стратешкото управување со кризи во осум избрани општини и прикажување на процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и од катастрофи.

Целта на конференцијата, пак, е да се оствари дискусија за системот за управување со кризи, можностите за соработка и меѓусебна поддршка на органите на национално и локално ниво во овој домен, како и да се претстави процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и од катастрофи на осум пилот единици на локалната самоуправа.

„ Важноста на доброто управување со кризи најмногу се гледа во кризни времиња, а ние за жал живееме во време кога кризите континуирано ни наметнуваат нови предизвици и како луѓе, но и како институции кои носат определени одговорности во овој дел, согласно со надлежностите дефинирани со законите. Како држава повеќе од година се справуваме со кризата наметната од светската пандемија од коронавирусот што од друга страна е доволно долг период да извлечеме некакви поуки и заклучоци од кои можат да произлезат конкретни чекори. Искуството со брзината на подготовката и уредувањето на кругот на Клиничкиот центар за изградба на монтажната инфективна болница, како и сообраќајните решенија кои овозможија поголема проодност за возилата на итната медицинска помош беше предизвик со кој успешно се справивме, но истовремено и ни укажа на низа аномалии на системот кои има простор да бидат отстранети со цел тој да биде унапреден во насока на поголема ефикасност. Она што постојано ни се провлекува како институции е неопходноста од стратешкото планирање како клучен дел и од превенцијата, но и како предуслов за успех на самото управување со кризата во текот на целото нејзино времетраење“ рече во своето обраќање градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека улогата на Град Скопје и на општините како единици на локалната самоуправа во делот на управувањето со кризи е помалку или повеќе дефинирана со Законот за локална самоуправа, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување и други правни акти кои неретко знаат да бидат и ограничувачки фактори кои неповолно влијаат врз брзината и ефикасноста на справувањето со кризите.

На денешната конференција се обратија и претседателот на државата Стево Пендаровски, амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја, Рејчел Галовеј, националниот координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, градоначалници и експерти.

Можете да прочитате

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ

Дали од 29 Ноември Балканот ќе го зафати нов студен и снежен бран?!