Утрински Весник
Македонија

Шилегов: Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор

Шилегов: Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор

Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор во Скопје, истакна градоначалникот Петре Шилегов кој денеска присуствуваше и се обрати на дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што се одржа во салата на Советот на Град Скопје. Дебатата беше во организација на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД.

„Идејата за реформи во организацијата на инспекцискиот надзор во главниот град, којшто во делот на локалната самоуправа е управуван од Град Скопје и уште 10 општини, потекнува од многубројните примери во праксата кои се провлекуваат во минатото, а за кои сега кај оваа политичка гарнитура на власт постои огромна политичка волја конечно да се стави крај на сите слабости кои вака организираниот систем досега ги покажувал. Ова е нешто што јас, заедно со 10-те градоначалници на скопските општини многу пати досега сме го разговарале и сме барале решенија како да стигнеме до модел кој навистина ќе биде ефикасен, ќе функционира и ќе дава резултати кои ќе значат максимално почитување на законите од сите чинители врз кои сме обврзани да вршиме инспекциски надзор. Откако ја преземав градоначалничката позиција во Град Скопје, Секторот Инспекторат значително ја интензивираше својата активност што може да се забележи во годишните извештаи кои се јавно и транспарентно објавувани на веб-страницата на Градот. Бројот на казни и опомени во различните области во кои Град Скопје има надлежности се зголемени најмалку двојно, а во зависност од годината и областа, некаде се и неколкукратно зголемени“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој ги спореди годишните извештаи за работата на Инспекторатот од изминатите 2 години.

„Во однос на комуналната инспекција, за 134% е зголемено постапувањето на инспекцијата по барање на граѓани (односно, од 82 барања во 2018 година на 192 барања во 2019 година). За 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори (во 2018 година – 92, а во 2019 година – 310 контролни надзори). Во 2019 година изречени се 127 платни налози што е за 807% повеќе во однос на 2018 година (14 налози). Процесирани се 115 барања за поведување прекршочна постапка во 2019 година, што е за рекордни 177% повеќе во однос на 2018 година (9 акти). Зголемена реализација на активности бележи и Одделението за комунални редари. Во 2019 година поднесени барања за прекршочни постапки се 1.120, што е за 77,7% повеќе во однос на 2018 година. Изречени мандатни казни во 2019 година се 72, а во 2018 година – 31, што е зголемување за 132%. Инспекцијата за животна средина во 2019 година извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117% повеќе од 2018 година. Во 2019 година вонредните инспекциски надзори се зголемени за 300% во однос на 2018 година, односно, во 2019 година спроведени се 49 инспекциски надзори, а во 2018 година – 12. За 300% зголемен е и вонредниот инспекциски надзор со акредитирана лабораторија, односно во 2019 година имало 12 надзори, а во 2018 година – 3. Инспекцијата за патен сообраќај во 2019 година извршила 271 редовен инспекциски надзор, што е 134% повеќе од 2018 година. Зголемен е и бројот на контролни инспекциски надзори за 66% и вонредни инспекциски надзор за 600% во однос на 2018 година“м објасни Шилегов.

Во Секторот Инспекторат на Град Скопје, додаде тој, ангажирани се повеќе од 60 лица, а надлежностите на инспекторите од сите области се базираат на посебните материјални закони во делот на комуналните дејности, даноци и комунални такси, патен сообраќај и патишта, животна средина, образование, спорт, туризам и угостителство, како и на Законите од заедничка надлежност како: Законот за инспекциски надзор, Законот за општата управна постапка, Законот за прекршоци, Законот за постапување по претставки и предлози, Законот за локална самоуправа и Законот за Град Скопје.

„Од сево ова може да се заклучи дека Град Скопје и сега е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор во доменот на надлежностите на локалната самоуправа на територија на целиот град. Она што треба јавноста да го знае е фактот дека се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишеме заедно со 10-те скопски општини преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје. Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта на ова е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли, а камоли да започне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај „Мавровка“. За жал, тоа се некои навики од минатото кои по инерција се случуваат кај поединци, но она што е позитивно за разлика од минатото, е фактот што сега постои политичка волја на сите релевантни субјекти да се спречи ваквото урбанистичко дивеење и не само да се спречи, туку и да се превенира и во иднина да не ни се случува истото. Затоа сме денеска тука, затоа разговараме на темата, затоа и понатаму ќе продолжиме со воведувањето ред во сите области од надлежност на локалната самоуправа што понатаму ќе обезбеди владеење на правото и спроведување на правдата и правната држава“, нагласи Шилегов.

На денешната дебата присуствуваа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, директорката на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, како и претставници од Министерството за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа и Инспекцискиот совет на РСМ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор