Скопје, 27 јуни 2020 (МИА) – Во изминативе две и пол години нашиот фокус беше да обезбедиме поправедна и поправична држава, во која ќе зборуваме за поддршка на обесправените и оние на кои правдата им е најпотребна. Ако фокусот овие две и пол години беше на поправична држава, фокусот во следните четири години ќе ни биде на обезбедување на целосно правна држава, изјави во Кичево Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ и носителка во ИЕ 5.
Резултатот од нашата определба, нагласи таа, е повеќе од видлив особено во дело на правичното општество, општество за сите.
– Успеавме минималната плата да ја зголемиме од 9.000 денари на 14.500 денари, најголемо во историјата на нашата држава. Ја зголемивме и просечната плата и да вратиме повеќе пари кај граѓаните, преку проектите Мој ДДВ, укинување на радиодифузната такса и враќање на евтината тарифа на струјата, изјави Шекеринска.
Таа додаде дека е решен и проблемот со стечајците, а за три пати е зголемен придонесот за луѓето кои живеат од социјална помош.
– Во наредните четири години главна цел ќе ни биде да ја вратиме правната држава, затоа што чувме и видовме колку трул е нашиот судски систем. Да покажеме дека никој во земјава нема да биде над законот, како што успеавме да влеземе во НАТО и како што ги започнавме преговорите со Европската Унија, така сега ќе се нафатиме на тврдиот костен и нема да бидеме ниту под уцени ниту под притисоци, за да се справиме со ова зло. Во делот за Кичево главниот фокус ќе ни биде и економијата и инфраструктурата. Следната година целосно ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид. Инвестирани се повеќе милиони евра за збогатување на инфраструктурата во овој регион, рече Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ и носителка во ИЕ 5.
Додаде дека повеќе од 500 фирми само од Кичево искористија финансиска помош за да ги зачуваат работните места и граѓаните потврдуваат, изјави Шекеринска, колку им била важна оваа помош за да не стават клуч на врата. цр/ев/