Утрински Весник
Свет

Шведска ги затвора сопствените нуклеарни централи, а гради нови во Естонија

Шведска ги затвора сопствените нуклеарни централи, а гради нови во Естонија

И покрај тоа што требаше да затвори една од своите нуклеарни централи од причини поврзани со безбедноста на животната средина на крајот на годината, државната шведска енергетска корпорација „Ватенфал“ постигна договор да помогне во изградбата на нови во странство со Естонија, пренесува „Спутник“.

„Се согласивме дека ќе работиме заедно на проект за да видиме дали е можно да се изградат мали модуларни реактори во Естонија”, изјави за националниот радиодифузер СВТ, Торбјерн Валборг, раководител на производство на електрична енергија во „Ватенфал“.

Естонскиот партнер на „Ватенфал“, „Ферми енергија“, веќе ја планира точната локација на нуклеарните централи. Според „Ватенфал“, нуклеарните централи можат да бидат во функција за десет години.

„Да, тоа е прилично конкретен проект. Постојат две локации што се потенцијални “, рече Валборг.

Сепак, одлуката на Шведска за изградба на нови нуклеарки во странство додека дома ги затвора нуклеарките зачуди многумина.

„Мислам дека е неверојатно што ја прекинувате нуклеарната енергија во Шведска истовремено со инвестициите во нуклеарна енергија на Балтикот. Би сакал да видам нешто слично направено во Шведска“, изјави за СВТ, Ларс Хјелмеред, портпарол за енергетска политика на партијата Модерати.

„Ватенфал инвестира во нова нуклеарна енергија во Естонија додека ние предвреме ги затворивме реакторите во Рингхалс?, твитна пратеникот на Модератите, Јан Ериксон.

„Државната „Ватенфал“ ја исклучува нуклеарната енергија во Шведска, но гради нови реактори во нашите соседни земји. Владата сака да го затвори „Брома“ и го одложува проширувањето на „Арланда“, но инвестира во нови аеродроми во Виетнам. Дали сметате дека политиката на коалициската влада е логична?, твитна модератот Ларс Бекман.

Министерката за животна средина, Изабела Ловин, одби да ја коментира нуклеарната соработка на „Ватенфал“ во Естонија, проследувајќи го прашањето до министерот за трговија и индустрија Ибрахим Бајлан. Тој, пак, ги пепрати сите прашања назад до „Ватенфал“.

​ Од 1979 година, кога се случи првата голема нуклеарна несреќа во електраната на островот Три Мајл во близина на Харисбург, Пенсилванија, ставовите за нуклеарната енергија во Шведска се променија.

На референдумот во 1980 година се донесе одлука за постепено укинување и деактивирање на нуклеарките. Нема да се случи понатамошно проширување на нуклеарната енергија, а постојните реактори ќе бидат затворани со стапка неопходна за секторот за електрична енергија да ги задржи работните места и благосостојбата.

Во 2005 година, АЕЦ „Барсебек“ беше затворена, пред се поради нејзината близина до данскиот главен град Копенхаген и поплаките на Данците со децении. Последователно, два од трите реактори во Оскаршам беа затворени, а беше донесена одлука и за затворање на два од четирите реактори во Рингалс.

Досега, производството на електрична енергија беше заменето со зголемување на енергијата кај другите реактори и проширување на енергијата на ветерот. Во Шведска моментално има 12 реактори исклучиво за производство на електрична енергија, од кои седум се во комерцијална употреба. Сите реактори се на лесна вода и користат збогатен ураниум како гориво.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

На Германија ќе и требаат дополнителни 288.000 странски работници секоја година до 2040

Австралија го забранува пристапот до социјалните мрежи за помлади од 16 години

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња