Утрински Весник
Свет

Швајцарците треба да одат на часови за интеграција со странците

Швајцарците треба да одат на часови за интеграција со странците
Dik 300x250 mk

Швајцарците треба да одат на часови за интеграција со странците за да се навикнат да станат малцинство во сопствената земја, тврди социолог. Ганга Џеј Аратам, кој имигрирал од Шри Ланка во Швајцарија пред 25 години, изјави во интервју за „Тагес Анзајгер“ дека масовната миграција во Швајцарија е еднонасочна улица по која нема враќање назад.

Според Аратам, Швајцарците треба да се откажат од историските обичаи и традиции во земјата- бидејќи домородното население е заменето – и да ја признаат хиперразличноста како национална култура, тврдејќи дека швајцарската култура не е изгубена, туку се развива .

На прашањето дали сфаќа дека таквата транзиција може да биде неподнослива за наивните Швајцарци, Аратам одговори:

„Затоа мислам дека треба да има курсеви за интеграција за локалното население. Веќе имаме курсеви за интеграција за мигрантите. Тоа е добра работа. Ваквите курсеви се неопходни и за локалното население затоа што тие полека стануваат малцинство. Во интерес на Швајцарците е да се запознаат со мигрантите“.

Тој тврди дека ако месното население не се приспособи, тие ќе станат губитници во сопствената земја. Илустрирајќи ги ваквите „губитници“, Аратам посочи на примерот на стари лица кои би можеле да се борат со странците и да станат „фрустрирани кога ќе бидат сместени во дом за стари во кој 90 отсто од персоналот доаѓа од странство“.

Прашан дали масовната миграција може барем да се забави, научникот од Универзитетот во Базел посочи дека откако ќе се отвори вратата за премин на населението од Третиот свет, таа не може да се затвори.

„Откако ќе се постигне разновидност, процесот нема да престане“, рече тој, истакнувајќи дека обединувањето на семејството и другите политики поврзани со човековите права значи дека миграцијата од глобалниот југ ќе продолжи да расте без оглед на тоа какви национални закони се обидува да донесе владата.

Покрај тоа, Аратам истакна дека мигрантките во просек имаат повеќе деца отколку Швајцарките.

„Тагес Анзајгер“ посочува дека околу 90 отсто од азилантите добиваат социјална помош и дека поголемиот дел од Еритрејците во Швајцарија не работат дури и по години престој, но Аратам тврди дека се потребни повеќе напори и дека тука има значителен неискористен потенцијал.

Податоците собрани и објавени од Федералниот завод за статистика и Државниот секретаријат за миграција откриваат дека 83,7 проценти од Сомалијците во Швајцарија се потпираат на државната помош наспроти 2,3 отсти од Швајцарците и само 0,6 отсто од јапонските државјани.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Орбан: Финансирањето на Украина не е работа на Унгарија

Шведска ја суспендира дел од помошта за Србија поради корупција

Началникот на германските вооружени сили бара сите млади мажи да бидат проценети за воена служба