Штип, 17 мај 2020 (МИА) – Земјоделските здруженија бараат новиот парламентарен состав да донесе нов закон за водостопанство. Сметаат дека проблемите на терен во моментов, како што се руинираните системи за наводнување, ненавременото санирање и пуштањето на водата низ каналите ќе се решат со носење на нов, но добар закон.
Претседателот на Асоцијација на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека новиот закон треба да оди во насока на нова систематизација и реорганизација на водостопанските претпријатија. Тој упати и апел земјоделците на терен својот револт од ненавременото пуштање на водата низ каналите да не го насочуваат кон вработените на овие претпријатија, кои не се виновни за состојбите на терен. Посочува дека за проблемите сите се информирани, а токму поради стариот систем за наводнување на одредени делови во штипско и кочанско поле доцни сеидбата на оризот.
– Сега има недостиг на вода, не треба ние сега да ги обвинуваме работниците кои се присутни на нивите и кои имаат директен контакт со земјоделците. Они се најмалку криви, заради тоа што на секој работник треба да му се вреднува трудот.Досега требаше да бидат исчистени сите канали, требаше да бидат реновирани. Тоа го зборевме и ние есента, кога заврши наводнувањето, одма рековме дека водостопанството треба да се зафати со реновирање, вели Шаклев.
Според него, од есента па досега на терен се преземени помали активности, а како што е информиран од оризопроизводителите, дел од нив самите се организираат за да ги исчистат дел од каналите.
– Многу интересна работа, мислам дека е и за пофалба, кинеската компанија која работи на патот Крупиште –Кочани и помага на самите земјоделци да ги оспособат каналите. Замислите они имат осет да и помогнат, знаат што е производство, а ние немаме никаква механизација и средства да бидат оспособени каналите. Затоа што сите операции во земјоделството се временски ограничени. Мора навреме да биде насеан оризот, ако сакаме да има квалитет и приноси, рече Шаклев.
Тој истакна дека наскоро се очекува овие проблеми да се појават и низ Овче Поле.
– Сега ќе има и проблеми и во Овчеполието, затоа што ниту главниот, ниту споредните се нешто поправени и реновирани. Сега ќе треба да се наводнуваат луцерките, ќе треба да се наводнуваат сите други индустриски култури, пченката, сончогледот, раноградинарските култури, а вода ќе нема, ќе настане нервоза, непријатности, вели Шаклев.
Посочува дека со истите проблеми се соочуваат и земјоделците од Тиквешијата и Пелагонија. Смета дека под итно е потребен нов и добра Закон за водостопанство, бидејќи какошто вели сега има вода во езерата, но тешко е да се донесе до нивите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски при последната посета на штипскиот регион рече дека информациите говорат дека состојбите се подобруваат и не смеаат да се повторат ланските проблеми. Посочи дека во езерата има вода, кои се на оној доволен минимум за почнување на наводнителната сезона, а тоа се должи на врнежите на дожд и снег во изминатите два месеца, со што е подобрено нивото на вода во акумулациите низ земјава.
И според земјоделците, но и според вработените во водостопанските претпријатија потребна е темелна реконструкција на каналот за наводнување кој доаѓа од езерото Калиманци, па се до Овче Поле, бидејќи во моментов површински се санираат дефектите, а сериозните инвестиции би се одвивале неколку години, со што истата слика на терен и старите проблеми нема да се повторуваат.вдј/фф/