Скопје, 5 март 2020 (МИА) – Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) имаа средба со шефот на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулета и со претставници на мисијата, на која се разговарале сите аспекти од изборниот процес, вклучувајќи ги и учесници на изборите.
Како што соопшти ДИК, претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ ОДИХР биле заинтересирани за начинот и активностите кои ги презема Комисијата, како одговор на промената на законската рамка, непосредно пред распишувањето на Предвремените парламентари избори.
Претставниците на ОБСЕ/ОДИХР информирале дека се направени неколку измени и дополнувања на Изборниот законик, вклучувајќи ги можноста потписите на избирачите во постапката на кандидирање да се собираат покрај службените лица на ДИК и пред нотар, гласање во посебни установи за вонсемејна грижа, дека е предвиден Пилот – проект за нов метод на идентификување на гласачите, дека во Избирачкиот список ќе бидат сите граѓани кои на денот на изборите имаат 18 години, без разлика дали имаат важечки лични документи, при што правото на глас ќе може да го остварат само оние граѓани кои имаат важечки лични документи на денот на гласањето.
-Друга новина за овие избори е дека по приговорите за заштита на личното избирачко право ќе одлучуваат општинските изборни комисии, додека пак по другите приговори во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето ќе одлучува ДИК, која согласно новите законски измени ќе може да обезбедува и прибира докази, се посочува во соопштението од Комисијата.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски ги информирал претставниците на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, за важноста за континуирана задолжителна обука на изборната администрација, како и за резултатите кои овие обуки ги имаа на претходните избори.
-Особен фокус на средбата имаше и прашањето за начинот на распределба и користење на финансиските средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските поратли (Интернет порталите) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања. Исто така, ДИК информираше дека со помош на грант обезбедена е опрема за комплетна заштита на информацискиот систем на ДИК, се наведува во соопштението од ДИК.
За поголема транспарентност и со цел граѓаните да бидат навремено информирани за резултатот од гласањето на денот на изборите, како што се наведува, во тек е набавка на нова апликација за прибирање на резултати, преку која ќе се овозможи побрза објава на првични резултати од гласањето, како и објава на излезеност на гласачите, со што оваа година ДИК ќе ги објавува на секои два часа.
Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, на состанокот укажале дека нивната задача е набљудување на изборите, по што ќе дадат извештај и следни препораки за понатамошните избори, се посочува во соопштението објавено на веб-страната на ДИК. ев/дма/