Постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат договор за ембарго за увоз на руска нафта.
Предлогот што го презентираше Европската комисија вклучува забрана за увоз на нафта од Русија во рок од шест месеци и нафтени деривати до крајот на оваа година.
Словачка, која ја снабдува речиси целата своја сурова нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ уште од советската ера, побара тригодишен преоден период и изземање од ембаргото. И Чешка привремено бара ослободување од европското ембарго за да добие време за зголемување на капацитетот на нафтоводот, изјави денеска премиерот Петр Фиала.
„Подготвени сме да ја поддржиме оваа одлука (за санкциите кои вклучуваат нафта), но Чешка да го добие потребното одложување за да ги зголеми капацитетите со кои нафтата може да се испорачува во Чешка“, рече Фиала.
„Се обидуваме да добиеме одложување за две или три години“, додаде тој.
Бугарија побара ослободување од ембаргото.
„Технолошки, Бугарија може без руска нафта, но тоа би довело до значително зголемување на цените на горивото. Затоа, ако Европската комисија разгледа исклучоци, ние би сакале да ги искористиме“, изјави бугарскиот вицепремиер за весникот „Капитал“.
Унгарија најави дека не ги поддржува санкциите во предложената форма.
Преговорите ќе продолжат во четврток.