Утрински Весник
Економија

Централната банка може да ја продолжи одложената отплата на кредитите, ако има втор бран на кризата

Централната банка може да ја продолжи одложената отплата на кредитите, ако има втор бран на кризата

Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежовска во вечерашното гостување на телевизија Телма изјави дека како централна банка се подготвени доколку има втор бран на кризата, од септември да ја продолжат мерката за одложување на отплатата на кредитите.

– Засега е даден период овие поволности да важат до крајот на септември, но подготвени сме доколку има втор бран, да ја продолжиме, истакна Ангеловска-Бежовска, додавајќи дека државата се соочува со многу спефицична ситуација во која сите чинители на политиките мора да реагираат на дневна основа.

Според неа, може да се очекува раст на нефункционалните кредити, но колку ќе биде тоа, ќе зависи од времетраењето на кризата.

За стабилноста на денарот, Ангеловска-Бежовска повтори дека нема никаква економска основаност за страв од нарушување на неговата стабилност.

– Граѓаните треба да бидат спокојни дека во ниту еден момент нема да биде нарушена стабилноста на денарот, потенцира Ангеловска-Бежовска.

Прелиминарните податоци покажуваат дека во овој период на криза зголемена е употребата на платежни картички. Така, кај електронското банкарство има значително зголемување кај користењето кај физичките лица, а раст е забележан и кај користењето на платежните картички за купување преку интернет.

Според Ангеловска-Бежовска, буџетскиот дефицит ќе расте до околу 55-56 проценти од БДП, а со тоа очекувано ќе расне и јавниот долг, но потребно е понатаму да се водат прудентни политики.

Во интервјуто дадено за телевизија Телма, гувернерката меѓу другото, откри и дека неможе да има промени во барокниот изглед на новата зграда на Народната банка.

– Решението е избрано многу порано пред јас да бидам гувернер и во тој контекст нема можности за промени. Градбата е почната и нема можности за било какви промени, рече Ангеловска – Бежовска. бак/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk