Утрински Весник
Македонија

Центар за деца со попреченост во Карпош

Центар за деца со попреченост во Карпош

Општина Карпош ќе добие Центар за деца со попреченост. Отворање на овој Центар во Карпош е новиот проект во рамки на Проектот за подобрување на социјални услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика и Светска банка.

Откако општина Карпош аплицираше на јавниот повик, потпишан е договор за соработка со Министерството за труд и социјална политика, со кој уште повеќе се зголемува инклузијата на овие деца на локално ниво.

Во општина Карпош ќе бидат опфатени 32 деца со попреченост, од кои 16 деца на возраст од 2 до 5 години и 16 деца на возраст од 6 до 10 години и тие ќе имаат можност да престојуваат во дневниот престој на деца со попреченост, каде давател на услугата ќе биде македонското „Монтесори” здружение, информираат од општината.

Во наредните пет месеци ќе се спроведуваат активности за воспоставување на услугата: адаптирање на простории, нивно опремување и обука на персоналот во ООУ „Вера Циривири Трена“, по кој период доследно и квалитетно ќе се испорачува оваа социјалната услуга.

Младите ќе имаат стручна помош и поддршка преку индивидуален и групен третман, како и соодветна психосоцијална поддршка за децата со попреченост и нивните семејства. На овој начин ќе се помогне во унапредување на развојот на детето, на неговите когнитивни вештини, а ќе се подобри и нивната социјализација во заедницата.

Во општина Карпош веќе се спроведува проектот за нега на стари лица во домот, кој исто така е дел од Проектот за подобрување на социјални услуги, кој се спроведува преку МТСП и Светска банка.

Можете да прочитате

Бочварски: После 4 години локална власт- ВМРО-ДПМНЕ не исполни ништо од ветеното

Бочварски: Очекуваме да се зголеми поддршката за СДСМ, на локалните избори ќе настапиме со коалициските партнери од изминатите десеттина години

НИ СЕ ВРАЌААТ ЛЕТНИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ: Пред нас многу сонце и значително потопло време!