Утрински Весник
Македонија

Центарот за лицата со попреченост во Берово ќе биде реконструиран со донација од Кина

Центарот за лицата со попреченост во Берово ќе биде реконструиран со донација од Кина

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и амбасадорот на НР Кина, Жанг Зуо, денеска го посетија Дневниот центар за лица со попреченост во Берово, кој ќе биде реконструиран и дополнително опремен со донација на НР Кина.

Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија донира 1.540.000 денари за зајакнување на услугите на Дневниот центар за деца и лица со попреченост што функционира при Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово и ја покрива и соседната општина Пехчево.

Донацијата ќе биде искористена за опремување и помали реконструктивни зафати во просториите на дневниот центар. Предвидено е да се опремат, кабинет за физикална и хидро-терапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.

Дневниот центар веќе располага со потребниот стручен кадар вклучувајќи специјализиран кинезитерапевт, специјален едукатор/ рехабилитато,социјален работник, физиотерапевт и медицински сестри.
„Воспоставувањето на различни и индивидуални социјални услуги на локално ниво е еден од приоритетите на Mинистерството за труд и социјална политика. Тие имаат за цел зајакнување на корисниците и унапредување на нивниот личен развој“, оцени министерката Шахпаска.

Таа се заблагодари на поддршката на НР Кина, но и на сопругата на претседателот Ѓоргиевска која беше вклучена во процесот на избор на Дневниот центар за деца и лица со попреченост како институција за која ќе биде наменета донацијата.

Во евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово фигурираат околу 300 деца и лица со различен тип на попреченост, кои би биле можни корисници на идните нови услуги на дневниот центар – рехабилитациски и физио-терапевтски услуги.

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено