Утрински Весник
Македонија

Царовска: Со унапредување на стручното образование до квалитетен кадар

Царовска: Со унапредување на стручното образование до квалитетен кадар

Денеска се одржа обука за активностите кои треба да ги спроведат директорите на средните стручни училишта каде во новата учебна 2021/2022 година започнува имплементацијата на концептот на дуално образование, како и за обврските кои треба да ги преземат во насока на ефективно партнерство со компаниите кои се дел од концептот и ќе учествуваат во едукацијата на средношколците, истата беше во организација на Министерството за образование и наука.

Директорите беа запознаени со искуството и добрите практики во училиштата во државата во кои овој концепт веќе е воведен и дава добри резултати. Исто така, за време на обуката се разговараше и за усогласувањето на наставните планови и програми по кои ќе се реализира наставата, а согласно кои е предвидено значително зголемување на бројот на часови за практична обука директно на работно место кај партнерските компании на училиштата.

На обуката присуствуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска, која се осврна на придобивките од воведувањето на концептот на дуално образование првенствено за учениците, но и воопшто за државата во целост. Таа истакна дека заложба на Владата и на МОН е со концептот на дуално образование да бидат опфатени сите средни стручни училишта, затоа што создава добро подготвени ученици за брз и успешен настап на пазарот на трудот, а обезбедува и добра основа за продолжување на образованието на високообразовните установи.

Царовска додаде дека за стимулација на младите да го избираат средното стручно образование, оваа година се предвидени 2.000 стипендии од 3.500 денари за 9 месеци во годината за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки во три и четиригодишно образование, како и 200 стипендии од 2.200 денари исто така за цела учебна година, за ученици запишани на одредени дефицитарни струки, како електротехничка, машинска, угостителско-туристичка струка и други.

Инаку, со новиот конкурс за упис во средни училишта во учебната 2021-2022 година предвидено е да се отворат 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании воспоставени во изминатите неколку месеци.

Концептот е целосно поддржан од компаниите. Согласно анкетата на МОН од почетокот на годинава, над 85% од нив изразија интерес да воспостават соработка со училиштата на локално ниво и да ги примаат учениците на практична обука, информираат од Министерството за образование.

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“