Утрински Весник
Македонија

Царовска: со стручно образование до поголема можност за вработување на младите

Царовска: со стручно образование до поголема можност за вработување на младите

Дуалното образование е концепт кој се залагаме да стане системско решение на национално ниво и тоа ќе биде уреден во новиот Закон за стручно образование и обука чија прва нацрт верзија е подготвена и наскоро ќе биде предмет на јавна дискусија со цел усвојување на најдобрата содржина во интерес на младите и иднината на државата.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешното потпишување на договори на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин во Скопје“ со нови четири компании за проширување на соработката во делот на реализација на практична обука за учениците кои реализираат настава и ќе се запишат во дуалните паралелки во рамки на училиштето.

„Чест ми е што денес присуствувам на воспоставувањето на нови соработки на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ кое заедно со компанијата ЕВН се пионери во нашата земја кога е во прашање воведувањето на концептот на дуално образование, и нивниот партнерски однос и пристап кон учениците е веќе пример кој се следи и од останатите училишта и компании за тоа како се работи со целосна посветеност и во интерес на иднината на младите“, рече Царовска изразувајќи благодарност до новите 4 компании кои се приклучуваат кон реализацијата на наставата во рамки на дуалните паралелки во училиштето.

Министерката додаде дека со ваков интерес и поддршка од бизнис заедницата која се повеќе и повеќе се интензивира, за многу брзо време, како што рече ќе успееме концептот на дуално образование да го воведеме во сите општини и во сите средни стручни училишта и ќе стане системско решение на национално ниво, како што е и планот на МОН и на Владата.

Информираше дека продолжува ефективната кампања „учи паметно, работи стручно“ преку која придобивките од средното стручно образование се доближуваат до младите, а потсети и за новата политика за стипендирање на оние ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки и воопшто во средното стручно образование, која предвидува по 3500 денари за 1500 ученици од дуалните паралелки, како и по 2200 за ученици од неколку дефицитарни струки.

Средното училиште „Михајло Пупин“ денес склучи договори за соработка со АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, кои ќе дадат поддршка формирање на двете дуални паралелки од септември за профилите Електротехничар – Енергетичар и Електромеханичар. Додека, консултантската компанија Примепоинт ДОО Скопје, како експерт за развој на стручни вештини и менаџерски програми, е вклучена во изработка на програмата за дуално образование.

„Чест ми е што на листата на наши партнери, денес се приклучуваат овие исклучителни и успешни компании кои ги согледаа придобивките од дуалното образование и не поддржаа“ изјави директорот на училиштето Димитар Ѓорѓиев.

Од компаниите посочија дека нивна заложба ќе биде што повеќе училишта да добијат можност за дуално образование, што исто така ќе биде и во нивен интерес заради продуцирањето на нов квалитетен работен кадар.

Можете да прочитате

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм