Утрински Весник
Македонија

Царовска: Преку програмата „Хоризонт Европа“ до враќање на истражувачката енергија во државата

Царовска: Преку програмата „Хоризонт Европа“ до враќање на истражувачката енергија во државата

Истражувачките центри, универзитетите, бизнис-заедницата и граѓанските организации во следниот седумгодишен период преку програмата „Хоризонт Европа“ можат да влезат во големото европско истражувачко семејство. Република Северна Македонија го продолжува учеството во оваа европска програма за истражување и развој со статус на асоцијативна земја членка.

„Навистина треба да ни е чест што сме дел од програмата ‘Хоризонт Европа’, не само поради можноста да искористиме финансиски средства, туку затоа што добиваме можност да учиме од многу развиени земји коишто вложуваат во наука и ги гледаат бенефитите од таквите инвестиции“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на првиот работен состанок и промоција на националната мрежа за поддршка.

Царовска нагласи дека на можностите што ги нуди „Хоризонт Европа“ треба да се гледа како на импулс за личен ангажман за враќање на истражувачката енергија во државата.

„Оваа Влада и Министерство за образование и наука имаат за цел да инвестираат во наука, затоа што само така можеме да фатиме чекор, прво со регионот, а потоа и со Европа. Вложувањето во наука треба да биде системско. Наша заложба е инвестициите во наука постојано да ги зголемуваме“, рече министерката.

Министерството за образование и наука има логистичка улога во промоција на истражувачката програма, со цел да се привлече вниманието на што повеќе поединци и ентитети кои ќе конкурираат за финансирање на своите проекти. Ова е најамбициозната европска програма, со буџет од 100 милијарди евра, во чија основа се зелената економија, дигитализацијата и конкурентната и иновативна економија.

МОН на посебни инфо-денови ќе информира за повиците за финансирање во рамки на „Хоризонт Европа“.

Можете да прочитате

Онлајн закажување термин за сликање за лични документи и за македонската дијаспора, соопшти МВР

Стефан Лазаров за скандалозниот предлог данок на Мицкоски: Со вакви услови за живот само ќе ги натерате младите кои не се во брак побрзо да си заминат од Македонија

Тошковски: Акцијата во која беа откриени шест килограми амфетамин е резултат на напорите на МВР во сузбивањето на трговијата со дрога