Утрински Весник
Економија

Царовска во ТИРЗ Скопје – Над милијарда евра СДИ за две и пол години, ќе продолжиме и понатаму да ги стимулираме инвеститорите

Царовска во ТИРЗ Скопје – Над милијарда евра СДИ за две и пол години, ќе продолжиме и понатаму да ги стимулираме инвеститорите

Скопје, 25 јуни 2020 (МИА) – Во производствениот капацитет на германската компанија Гересхајмер во ТИРЗ Скопје 2 се одвиваат завршни работи на опремување. Коронакризата го одложи стартот на работа, но во наредниот период ќе почнат со работа. Во фабриката во Скопје ќе се произведуваат материјали за фармацевстската и медицинската индустрија. Се работи за полно автоматизирана фабрика, на 18 илјади квадратни метри и ќе вработува околу 400 работници.

Денеска увид во активностите извршија вицепремиерката за економска прашања Мила Царовска и Мила Царовска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски на ТИРЗ Скопје 2.

Вицепремиерката Царовска, по обиколката на објектот на Гересхајмер, посочи дека оваа компанија, која ќе произведува материјали за фармацевтската и медицинската индустрија, инвестира во софистициран објект кој ќе биде опремен со најсовремена технологија.

-Владата во изминатиот период направи многу кога станува збор за привлекување на странските инвеститори и обезбедување услови да градат и да продолжат со инвестирањето во технолошко-индустриските развојни зони.  Потпишани се 22 договори со странски компании, веќе се отворени 12 фабрики, а важно е да се истакне дека странските директни инвестиции бележат голем раст во последните две и пол години. Во тој период имаме околу 1 милијарда и 177 милиони евра странски директни инвестиции, согласно извештаите на Народната банка.  Ќе продолжиме и понатаму да работиме  да стимулираме нови странски инвеститори да дојдат во нашата земја, да инвестираат, да креираат добро платени работни места, а ние ќе помогнеме да обезбедат продуктивни, квалитетни и квалификувани работници, изјави вицепремиерката Царовска.

Царовска дополни дека додадената вредност која со себе ја носат странските инвестиции е тоа што создаваат можност и за домашните и локални компании да станат нивни добавувачи или изведувачи на одредени работи, при што ги подобруваат сопствените стандарди за работа и да работат по европски и светски стандарди, какви што се и побарувањата на странските инвеститори.

-Дополнително странските компании имаат можност да реализираат обуки и да предадат знаење, на нас како држава, на нашите инжинери, работници, да се доквалификуваат и да се развиваат во кариерата. Странските инвестиции, како и домашните имаат големо влијание во економијата, а ние како Влада докажавме дека се грижиме и за едните и за другите, со цел економијата во нашата држава да се развива  со побрза динамика, подвлече вицепремиерката за економски прашања.

Таа нагласи дека во изминатите две и пол години бројот на вработени во индустриските капацитети во ТИР зоните е зголемен за околу 5.000 лица, што покажува дека има постојано побарување на работници. Активностите на компаниите во зоните, вклучително и на Гересхајмер, поради глобалното влијание на пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19, застанаа со активностите, но склучените договори продолжија со предвидената динамика да се реализираат.

-Имавме мало одложување, од некој месец, на активностите што се планирани, само затоа што нивните работниците имаа ограничувања во движењето, особено оние од странство, но сега во континуитет продолжуваат со работата и очекуваме многу скоро Гересхајмер да ја отвори првата фаза. Имаат уште четири фази само во овој дел, а во делот на производство на стакло дополнителни три фази, очекуваме динамиката на активности да се врати на претходното ниво пред кризата, кажа вицепремиерката.

Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски изрази задоволство од динамиката на активности при изградбата на производствениот капацитет на Гересхајмер.

-Гересхајмер ќе биде една од најсофистицираните фабрики во ТИР зоните. Се работи за полно автоматизирана фабрика. Оваа фаза се гради на 18 илјади квадратни метри и ќе вработува околу 400 луѓе. Тие веќе требаше да почнат со работа, но поради кризата почетокот се одложи, но се надевам дека во наредниот период ќе почнат со работа“, нагласи директорот Младеновски.скс/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Димитров: За 14 % е намален бројот на вработени во текстилниот сектор, најголем пад во изминатите 15 години

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година 

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година