Утрински Весник
Свет

„Хјуман рајтс воч“: Саудиска Арабија измачува и убива мигранти во центарот за депортација

„Хјуман рајтс воч“: Саудиска Арабија измачува и убива мигранти во центарот за депортација

„Хјуман рајтс воч“ ги повика властите на Саудиска Арабија да престанат со нехуманиот третман на стотици мигранти во Центарот за депортација во главниот град Ријад, пренесува „Инфо мајгрантс“. Во извештајот проследен со видеоснимки, објавен од страна на „Хјуман рајтс воч“, се наведува дека администрацијата на Саудиска Арабија држи стотици мигранти, повеќето од нив граѓани на Етиопија, во понижувачки и нехумани услови во главниот град Ријад.

Се посочува дека телефонски е разговарано со седуммина мигранти од Етиопија сместени во Центарот за депортација во Ријад и двајца мигранти од Индија, кои биле приведени во истиот центар, а потоа биле депортирани со образложение дека немаат дозвола за работа и престој. Од извештајот се дознава дека стотици луѓе се чуваат во центарот во пренатрупани простории, заедно со купишта отпад во еден агол.

„Сите мигранти со кои контактира „Хјуман рајтс воч“ истакнаа дека властите на Саудиска Арабија ги држеле со месеци во валкани и преполни простории заедно со други 350 мигранти во центарот дури и повеќе од една година. Мигрантите раскажаа дека лежат едни врз други затоа што не можат да најдат место за да легнат. Снимките до кои стигнавме го потврдуваат она што го кажаа сведоците“, се наведува во извештајот.

Меѓу другото, во извештајот се додава дека мигрантите биле подложени на вербално и физичко мачење и закани од стражарите во Центарот за депортација.

„Бевме нападнати од стражари кои носеа различни униформи, а бевме сведоци и на тоа дека некои мигранти беа тепани со железни палки обвиени со пластика. Мигрантите кои бараа медицинска помош или имаа други поплаки беа тепани. Еден 27-годишен мигрант од Етиопија беше сведок на убиство на тројца мигранти во центарот. Две од трите лица животот го загубија веднаш од повредите здобиени како резултат на тепањето  од стражарите. Третото лице почина подоцна“, истакнале мигрантите.

„И покрај тоа што кај некои мигранти биле забележани симптоми на Ковид-19, властите на Саудиска Арабија не презеле соодветни мерки“, се нагласува во извештајот и се повикува Саудиска Арабија да стави крај на нехуманите практики врз мигрантите.

Во извештајот се цитира и Надије Хардман, која работи во Дирекцијата за бегалци и мигранти на „Хјуман рајтс воч“.

„За Саудиска Арабија, една од најбогатите земји во светот, нема никакво оправдување со месеци да држи работници-мигранти во вакви услови, во период кога заканата од епидемијата на Ковид-19 продолжува“, нагласи Хардман.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Хамас вели дека се „подготвени“ за примирје во Газа по прекинот на огнот во Либан

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа