Утрински Весник
Свет

„Хјуман рајтс воч“ повикува Јордан да не ги депортира јеменските баратели на азил

„Хјуман рајтс воч“ повикува Јордан да не ги депортира јеменските баратели на азил

„Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) во вторникот го повика Јордан да не ги депортира јеменските баратели на азил, предупредувајќи дека присилната депортација ги изложува на повреди во Јемен, се вели на веб-страницата на организацијата.

Во соопштението се вели дека „јорданските власти депортирале најмалку четворица јеменски баратели на азил регистрирани во Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци (УНХЦР) и издале наредби за депортација против другите кои поднеле барања за азил“.

Според изјавата, јорданските власти издале најголем дел од наредбите за депортација откако Јеменците се обиделе да аплицираат за работни дозволи и да го регулираат својот имиграциски статус во земјата.

„Од јануари 2019 година, јорданската регулатива ефикасно спречува УНХЦР да признае како бегалец некого, освен Сиријците, оставајќи многумина без пристап до хуманитарни услуги и изложени на ризик од депортација“, се вели во соопштението.

Во сооштението се цитира Мајкл Пејџ, заменик директор на ХРВ за Блискиот Исток, кој вели дека „угледот на Јордан околу бегалците е нарушен ако ги врати назад луѓето кои се изложени на сериозен ризик во нивните матични земји“ додавајќи дека „јорданските власти треба да ги преточат зборовите во дела, дозволувајќи им на поединците безбедно да поднесуваат барања за азил и да ги добиваат услугите достапни на другите бегалски групи, како што се работните дозволи“.

Јордан во моментов е домаќин на околу 13.843 бегалци и баратели на азил од Јемен. Јемен од 2014 година е во насилна граѓанска војна во која загинаа десетици илјади и беа раселени милиони луѓе, а поради недостаток на храна во земјата е распространета глад.

Можете да прочитате

Путин до Меркел: Ангела, извини, не знаев дека се плашиш од кучиња

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина