Високиот комесаријат на ОН за бегалци објави дека 4.059.105 Украинци ја минале границата од 24 февруари, кога започна воената интервенција на Русија.
„Се соочуваме со реалноста на огромна хуманитарна криза која расте за секунда“, рече УНХЦР, истакнувајќи дека милиони луѓе се раселени во Украина и дека се проценува дека 13 милиони луѓе се блокирани во погодените области.
Жените и децата сочинуваат 90 отсто од избеганите, а половина од нив се деца. Мажите на возраст меѓу 18 и 60 години кои се способни за воена служба не можат да ја напуштат земјата.
УНИЦЕФ наведува дека повеќе од половина од 7,5 милиони деца во Украина се раселени – 2,5 милиони внатре, а два милиона во странство, пренесе АФП.
„Како што бројот на деца кои бегаат од своите домови продолжува да расте, мораме да запомниме дека на секој од нив им треба заштита, образование, безбедност и поддршка“, рече шефицата на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Меѓународната организација за миграција соопшти дека, покрај украинските бегалци, земјата ја напуштиле и над 204.000 странци кои живеат, студираат или работат во таа земја.
Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бешеле рече дека е од витално значење да се пречекаат „сите бегалци без дискриминација“.