Холандската влада бара воведување полициски час и забрана за летови од Велика Британија, Јужна Африка и Јужна Америка со цел да се спречи ширењето на нова, позаразна варијанта на вирусот, којашто е причина за најмалку една од 10 инфекции во земјата.
Премиерот Марк Руте изјави дека владата ќе побара забраната за летови да стапи на сила в сабота и да трае еден месец.Бидејќи неговиот кабинет има технички мандат, откако минатата недела поднесе оставка, тој ќе мора да ги убеди пратениците да го поддржат воведувањето полициски час од 20:30 до 4:30 часот.
Дебатата во парламентот се очекува утре, а Руте апелираше за поддршка велејќи дека земјата е „во клучен момент за безбедноста и јавното здравство“. Коалициската влада на Руте, која поднесе оставка во петокот, поради скандалот во кој илјадници семејства беа неправедно обвинети за проневера на додатоци за деца, ќе остане на функцијата сè додека не се формира нова коалиција по општите избори на 17 март.
Доколку парламентот го одобри полицискиот час, Холандија ќе им се придружи на другите земји на Европската Унија во кои тој веќе е на сила, како што се Белгија, Франција, Италија, Грција и делови од Германија.
„Тоа е тешка мерка“, рече Руте. Тој посочи дека никој не сака полициски час, но дека ситуацијата е многу лоша.
Холандија е во карантин веќе еден месец и ќе остане така барем до 9 февруари, но и покрај намалувањето на инфекциите, владата соопшти дека е принудена да преземе построги мерки поради закана од новиот вид коронавирус.Холандија е последната земја во Европската Унија која започна со вакцинација, а досега само 100.000 луѓе ја примиле првата доза.