Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ на прес-конференција, што се одржа на 14 август во Куршумли ан, ја објави програмата и дополнителните активности за своето 11. издание.
Единаесетото издание на „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката, а ќе биде посветено на звукот и тишината.
Фокусот e ставeн на „поезијата во филмот“ – дизајнот на звук. Мото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов од 1955 година.
Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание – ќе има проекции и настани во живо на отворен простор и настани што ќе се одржат онлајн.
Филмските проекции што ќе се одвиваат во живо паралелно ќе може да се следат и на интернет-платформа, што овозможува програмата да биде достапна низ целата држава.
Поради пандемијата на коронавирусот годинава нема да дојдат гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите на фестивалот ќе присуствуваат виртуелно. Планирано е онлајн да се одвиваат дискусиите по филмовите, разговорите под смоква, како и мастеркласовите и работилниците.
„Покрај сите глобални случувања со пандемијата на коронавирусот, ‘Македокс’ успеа да го организира фестивалот со целата програма што беше замислена уште во 2019 година, пред појавата на вирусот“, истакнува Дарко Набаков.
Постерите за годинашното издание, кои прикажуваат микроскопски фотографии од кромидот, симболот на „Македокс“, ги изработи Самир Карахасан, а фестивалот изразува благодарност до Институтот за биологија при Природно-математичкиот Факултет од Скопје за отвореноста и соработка во изработка на визуелниот идентитет на фестивалот, како и до Фондацијата „Ацо Шопов“ за отстапувањето на авторските права за песната „Слеј се со тишината“.
Фестивалската програма ќе биде отворена на 19 август со проекција на документарните филмови „Спиењето на Макс Рихтер“ за композиторот Макс Рихтер и „Зборувај за да те видам“, портрет за Втората програма на белградското радио.
Селекторката на Главната програма и на категоријата „Нови автори“, Петра Селишкар, најави дека специфично оваа година ќе биде што на „Македокс“ се враќаат автори како Џон Апел, Хуберт Саупер, Томас Балмес и Младен Ковачевиќ.
Филмови во главната програма се: „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ Јиву“ и „Фатени во мрежа“.
Во категоријата „Нови автори“ има десет остварувања, а ќе се одржи премиера и на македонскиот документарец „Професорот“ на Јордан Дуков.
Програмата на кратки документарци содржи 15 наслови, а радува фактот што годинава пристигнале голем број остварувања на автори од регионот. Во рамките на оваа програма премиерно ќе бидат прикажани два македонски филмови „Нејзиното семејство“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски.
Студентската програма содржи 14 наслови.
Детската програма ќе се одржи онлајн, а се реализира во соработка со филмските фестивали „Ајс докс“ од Исланд, „Синедок Тбилиси“ од Грузија и фестивалот за анимирани филмови „Аниматека“ од Словенија.
Комплетната филмска програма, како и фестивалските жирија, може да се најде на фестивалскиот сајт.
„Земја во фокус на 11. МакеДокс е Холандија и во програмата се шест нови документарни остварувања. Холандските филмски документаристи не обработуваат само теми од ‘ниската земја’. Напротив – своите филмски ‘бисери’ ги откриваат низ целиот свет како номади во потрага по скриени богатства. Со исклучителен документаристички сензибилитет, при што визуелните глетки на неверојатно функционален начин се надополнуваат со звучниот фон (музиката, природните звуци, говорот, тишината), овие автори го создадоа и го создаваат еден од најзначајните документаристички филмски опуси за човековата цивилизација“, истакна селекторката, Петрула Вељановска.
Фестивалот „Македокс“ годинава нема да има официјално отворање, а на 18 август ќе се одржи едночасовно „слевање со тишината“ во Куршумли ан без филмска проекција, а според мотото „Слеј се со тишината“.
Билетите за проекциите во онлајн продажба ќе бидат пуштени на 17 август, понеделник, преку мрежата mktickets.mk.
Проекциите и настаните на отворен простор ќе се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот Ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите и настаните.