Утрински Весник
Култура

Францускиот анимиран филм „Детето фантом“ на „Џифони филмски денови“

Фестивалот „Џифони Македонија“ на седмата серија од „Џифони филмски денови“ ќе го прикаже анимираниот француски филм за деца „Детето фантом“ в сабота (21 мај) во 10 часот во Кинотеката. Филмот е синхронизиран на македонски јазик, продукцијата е од 2015 година во режија на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол.

Детето фантом е всушност Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, кое е суперхерој. Лео е во болница и страда од сериозна болест, но дознава дека може да го напушта телото и да лета низ градот, да поминува низ ѕидови како фантом. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој привремено е во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Тие тројца треба да го спасат градот од лошиот и криминален шеф.

По дискусијата на филмот, во 12.30 часот ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева, за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.

„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.

Текстот Францускиот анимиран филм „Детето фантом“ на „Џифони филмски денови“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“