Утрински Весник
Економија

Фондот за иновации воведува нова Програма за корпоративна иновативност

Фондот за иновации воведува нова Програма за корпоративна иновативност

Фондот за иновации и технолошки развој воведува Програма за корпоративна иновативност која ќе овозможи воспоставување на партнерства и јакнење на соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите, новооснованите трговски друштва.

Програмата за корпоративна иновативност која ФИТР ја воведува за прв пат има за цел поттикнување на иновативните проекти и нивна соодветна примена, размена на искуства и знаења, унапредување на бизнисот, раст и развој на двете страни.

Програмата предвидува доделување на финансиски средства и/или техничка поддршка на новоосновани трговски друштва (стартапи) што ќе овозможи подобрување на реализацијата и пласманот на нивните производи и услуги преку соработка со претпријатија кои имаат значајно присуство и влијание на пазарот.

Од друга страна, на корпоративниот сектор оваа програма му овозможува да добие директен пристап до иновативни решенија за унапредување на работните процеси, подобар пласман на производите и услугите и освојување на нови пазари. Воедно, на овој начин корпоративниот сектор ќе даде значаен придонес во развојот на стартап екосистемот и иновативната економија, притоа обезбедувајќи си општествено одговорно позиционирање.

„ Целта на оваа програма е да ги мотивираме големите корпорации и брендови, во партнерство со Фондот, активно да се вклучат во развојот и трансформацијата на македонскиот стартап еко систем. Фактот што досега само од Фондот се поддржани над 300 стартап компании, покажува дека македонскиот стартап екосистем брзо се развива и партнерствата со веќе докажани корпорации и брендови, уште повеќе ќе го забрза процесот на трансформација и ќе им овозможи на македонските стартапи да бидат покомпетитивни и на национално но и на глобално ниво.“ – изјави Коста Петров, директор на ФИТР и додаде дека институцијата, преку повеќе иницијативи интензивно работи и на позиционирање на Република Северна Македонија како регионален стартап хаб.

Претставниците од корпоративниот сектор, односно трговските друштва, веќе од денес и во текот на целата година можат да аплицираат за Програмата за копрпоративна иновативност со доставување на пополнет образец со основни податоци за компанијата, област на делување и краток предлог-концепт за партнерство или соработка со Фондот. Во зависност од целите, соработката ќе се реализира преку различни модели, како: организирање на еднократни настани (предизвици, хакатони), споделување на ресурси (бесплатни алатки, простор за работа), поддршка за развој на бизнисот (инкубатори, акселератори) и сл. ФИТР ќе формира Комисија за разгледување на доставените предлог-концепти, додека одобрувањето ќе се врши врз основа на точно дефинирани критериуми.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Во ноември лани 304 одобренија за градење, во Скопскиот Регион 427 стана

Четириесет нови инспектори ќе бидат вклучени на терен за да се контролира кој не ги почитува законите

Дурмиши: Цените на храната се намалуваат