Филмскиот фестивал во Венеција, кој обично обединува голем број актери, посетители и новинари, ќе се одржи во малку изменета форма оваа година, поради пандемијата на коронавирусот.
На годинашниот фестивал ќе учествуваат мал број новинари и актери, главно од Европа, но ќе нема публика, пишува АП.
Италија е една од земјите што се најсилно погодени од пандемијата – според бројот на смртни случаи како резултат на Ковид-19, оваа земја е на второто место во Европа, зад Велика Британија.
Со постепеното нормализирање на животот во земјата, годинашниот Филмски фестивал во Венеција, што ќе се одржи помеѓу 2 и 12 септември, е показател дека и светот на филмот полека се враќа во претходната состојба, по паузата за време на карантинските мерки.
Во Италија речиси 267 000 луѓе се заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата, додека над 35 000 пациенти го загубија животот како резултат на Ковид-19.