Утрински Весник
Македонија

Филипче: Стотина лица се веќе изолирани, директорката на Кожната клиника ќе биде разрешена

Се чекаат резултати од тест за присуство на коронавирус кај уште едно лице

Скопје, 10 март 2020 (МИА) – Изолирани се стотина лица, кои присуствувале на симпозиумот минатиот викенд, 64 вработени од Клиниката, околу 24 пациенти, тоа е дополнителен број на оние што беа претходно. Другите луѓе кои беа во изолација кои досега немаат симптоми се практично сопатници на првата пациентка, тоа се 12 луѓе и тие во текот на денешниот ден или утре ќе бидат посетени, прегледани и ќе биде констатирано дали треба да се тестираат од страна на локалните епидемиолози.

Ова го истакна министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, кој рече дека капацитетите на Клиниката за инфективни болести се целосно подготвени, каде има осум изолирани боксови во кои има респираторни машини. Досега ниту еден од пациентите, посочи, нема таква здравствена состојба, клиничка манифестација што бара да биде поставен на респираторна машина.

– Во тек е набавката и веќе се лоцирани тука во државата уште два апарати кои може практично веднаш да бидат инсталирани, уште дополнителни пет во следниот период. Тоа не е проблем, предизвик што не може да го решиме со оглед на тоа што и самата Клиника веќе има направено акциски план за ослободување на болнички капацитети незадолжително за респираторна машина, туку и за пациентите на кои тоа не им е потребно. Значи, само болнички кревети. Веќе се ослободи едно крило, дополнително одделение, освен тоа кое иницијално служи за изолација и веќе предвидоа колегите и вчера имавме дискусија за оваа работа како доколку има прогресија со зголемување на бројот кои капацитети ќе се користат. Засега со оглед на тоа што експертизата е тука сконцентрирана на едно место на Клиниката за инфективни болести, тука се планирани да бидат концентрирани сите пациенти, рече Филипче.

Потенцира дека ќе ја следат ситуацијата, може препораката да се смени, да се заостри или некоја друга мерка да се воведе во кој било од следните денови.

Во однос на матурантите, Филипче појасни дека разговарале со министерот за образование, тие ќе разговараат во рамките на надлежностите на МОН за некаква форма на скратување на програмата или нешто што може да се работи онлајн, меѓутоа со таа мерка ќе излезат во текот на следниот ден или кога ќе биде подготвено.

– Ги прекинуваме сите автобуски организирани линии не само кон Италија, туку кон сите земји што се во највисокоризичната зона според СЗО. Тоа се Италија и Франција, додаде Филипче.

Во врска со ставот на Државната комисија за спречување на корупција дека случајот со директорката на Клиниката за кожни болести не е поврзан со избори и нема проблем за нејзино разрешување, министерот рече дека денеска разговарал со претседателката на ДСКС и таа му укажала на оваа можност дека кога има ваква итност може да се направи тоа.

– Ние тоа ќе го направиме денеска и ќе се назначи вд директор, истакна Филипче. рп/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства 

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ